ОО СДСМ Велес во нов партиски простор, Ковачевски и Зечевиќ на прва средба од кампањата „Рамо до рамо со граѓаните“ (Фото и Видео)
Општинската организација на СДСМ во Велес вчера вечер свечено ги отвори новите партиски простории коишто се наоѓаат на приземјето на зградата на поранешната Народна банка во центарот на Велес, на плоштад С`рмаале.
На настанот присуствуваа претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски и генералниот секретар Миле Зечевиќ Вардарски .
Пред присутните членови на партијата, поранешни и актуелни раководители на локални институции како и симпатизери Претседателката Даница Чадиева ја истакна реализацијата на идејата на дело, како што рече, од женската сила на партиските функционерки.
Претседателот Димитар Ковачевски посака плодна работа во новиот простор и ја најави кампањата „Рамо до рамо, до победа“ притоа осврнувајќи се на досегашниот дел од мандатот и најзначајните проекти на СДСМ.
По свеченоста велешкото партиско раководство на СДСМ, заедно со Ковачевски и Зечевиќ ја имаа и првата малска средба од кампањата „Рамо до рамо“ со граѓани на дел од месноста Дворови.
– Доаѓаме со јасна порака – напредокот продолжува. Големи промени очекувајте во оваа и наредната година. Економијата ќе продолжи да расте и да се развива, продолжува растот на платите и на пензиите. Продолжуваат инвестициите, рече Ковачевски.
„СДСМ е рамо до рамо со граѓаните и да ги разобличиме промашените пропаганди, да ги трасираме победничките политики! Да го поразиме евтиниот популизам. СДСМ никогаш нема да се откаже од европската иднината на земјата. Ќе направиме се да го продолжиме патот кон Европа. Рамо до рамо со народот, ќе продолжиме да се бориме за подобро утре и да ја завршиме работата, затоа што тоа им го должиме на нашите деца, на сегашните и идни генерации“, порача Ковачевски.
Генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ Вардарски порача дека СДСМ е заедно со народот, преку разговор, заедничка решителност, со труд, со работа, со посветеност да се бориме за подобро утре.
„Доаѓаме со крената глава. Да ве слушнеме, да ви дадеме отчет за сработеното, да ви кажеме што следува во иднина. Ќе слушаме внимателно и внимателно ќе говориме. СДСМ е партија на народот, која државотворно и одговорно се однесувала во сите премрежја од современата македонска историја. Така е и денес“, рече Зечевиќ.
Убавка Јаневска