Општина Велес со Втор Јавен Повик за ангажирање пожарникари

Градоначалникот на Општина Велес распиша Втор Јавен Повик за ангажирање на невработени лица и корисници на гарантирана минимална помош за извршување јавни работи на територијата на општината. Повикот е резултат на зголемениот интерес на жителите и потребата од дополнителен број на ангажирани лица за активности од јавен интерес кои ќе се реализираат во текот на 2025 година.
Сите заинтересирани лица кои се невработени и се евидентирани во Агенцијата за вработување, а имаат живеалиште во Општина Велес, можат да аплицираат за извршување на јавни работи кои вклучуваат чистење на улици, локални патишта, патеки, скали, водотранспортни објекти, јавни објекти и депонии, како и отстранување на наноси и одрони, чистење снег од јавни површини, фарбање и поставување комунална опрема, собирање отпад, одржување и подигање зелени површини и други слични активности, во зависност од потребите на општината.
Ангажманот ќе трае најмногу пет месеци, заклучно со 31 декември 2025 година, сметано од денот на потпишување на договорот. Секое ангажирано лице ќе добива месечен надоместок во износ од 20.000 денари, со вклучен персонален данок.
Право на учество имаат сите жители на територијата на Општина Велес кои се корисници на гарантирана минимална помош или се невработени лица. За да се пријават, заинтересираните кандидати треба да достават пополнето барање кое се подига од архивата на Општина Велес, фотокопија од лична карта, потврда дека лицето е корисник на социјална помош или дека е невработено, како и фотокопија од трансакциска сметка.
Документите се доставуваат лично во Архивата на Општина Велес секој работен ден во периодот од 18 јули до 25 јули 2025 година, од 08:00 до 15:00 часот.
Изборот на кандидатите ќе го спроведе Комисија формирана со Решение од Градоначалникот на Општина Велес. Со овој повик, општината продолжува да вложува напори во подобрување на животниот стандард на ранливите категории граѓани и во исто време активно работи на унапредување на јавниот простор и инфраструктурата во градот.
Стефани Манева


