Општината нема пари за санација на потпорниот ѕид на сокакот позади куќата на Ванови, засега ќе постави знаци за предупредување

„Сокакот е дел од улицата „Димче Димовски Кокошарчето“ кој се издвојува од улица „8 Септември“ во непосредна близина на куќата на Ванови, пред 30 години, реновиран е со цел подобрување на условите за користење. По оваа улица како и по повеќето улици во град Велес не е дозволено да се движат возила потешки од 7 тона, вкупна маса со товар. Оваа забрана се спроведува со поставени знаци на локации каде тоа е потребно согласно законски одредби поврзани со сообраќајот,“ одговори општина Велес на поставеното прашање на Дума.мк зошто не го прифатиле барањето на велешанецот Сашко Ванов за затворање за сообраќај на сокакот позади неговата семејна куќа за сообраќај на камиони со поголема товарна тежина и на трактори. Од локалната власт уверуваат дека возилата со помала носивост од 7 тони „не прават оштетувања ни на коловозот ниту на околните објекти“ и додаваат дека по оваа улица или сокак исто така мора да се овозможи пристап на Брза помош и на противпожарно возило, како интервентни возила.
Во одговорот единствено недостига прецизирање дали согласно сообраќајните прописи регуларно е влегувањето и особено излегувањето од сокакот или од овој дел на улицата “Димче Димовски Кокошарчето“ на возилата за вклучување во сообраќај на улица „8 Септември“.

Согласно финансиските средства во годишниот Буџет општина Велес може да гради или санира по еден потпорен ѕид. За годинава приоритет ќе биде потпорниот ѕид на улица „Кумановска“ со кој треба да се обезбеди стабилност на сообраќајницата „Кумановска“. „Се работи за ѕид со висина над 7 метри и во него ќе бидат вложени предвидените еден милион денари“, соопшти општината. Од таму додаваат дека на посочената локација, ѕид од камен на улица „Димче Димовски Кокошарчето“ засега ќе била поставена сигнализација за предупредување. Во исто време, локалната власт, очекува дека по испратениот допис до Владата на Република Северна Македонија да обезбеди средства со кои би се решавале состојбите околу потпорните ѕидови во Велес, чии број бил голем кога е во прашање санација или изградба.

На прашањето на Дума.мк дали по случените сообраќајни незгоди потребно е поставување на „легнат полицаец“ и ново одбележување на пешачкиот премин, на позицијата кај Стар Мост, поточно на улица „8 Септември“, поради поголема безбедност на пешаците и особено учениците на ООУ„Свети Кирил и Методиј“ од општина Велес одговорија дека согласно член 97 од Правилникот за сообраќајни знаци,опрема и сигнализација на патот, вештачка испакнатина поточно „легнатите полицајци“ се поставувале пред училишта, детски градинки, железнички премини, патни наплатни премини, крстосници и опасни кривини каде брзината на движење е поголема и со посебен сообраќаен проект. „Улицата „8 Септември“ која ја посочивте во прашањето не подлежи на критериумите за поставување на вештачка испакнатина поточно „легнат полицаец“, напишаа од Општина Велес.
Убавка Јаневска
