ЦЈЗ: Квалитетот на водата лош, нема капење во „Младост“ без доказ за отсуство на цијанобактерии и цијанотоксини

Објавено: 2 јуни, 2026, во 10:53 часот

Шест пати поголема е матноста на површинскиот дел на водата од максимално дозволената концентрација (МДК) на прва плажа на езеро Младост додека присутната количина на амоњак е 8 пати повисока од МДК. Исто така, заситеноста со кислород изнесува 147,27 отсто или е повисока за 35 %. Во површинската вода има скоро двојно поголема количина на сув остаток, растворливиот кислород изнесува 14,05мг/л и за него нема максимално дозволена концентрација во лабораторискиот резултат на Центар за јавно здравје Велес за да се направи споредба. Овие резултати се однесуваат на примерок од водата кој што бил земен   на 15 мај, годинава и анализиран во наредните пет дена.

Центар за јавно здравје Велес соопштил дека:

„Врз основа на лабораториските наоди, анализираната мостра на вода по однос на микробиолошките индикатори е оценета ОДЛИЧНА, а по однос на физичко-хемиските параметри одговара на 5-та класа по присутна МАТНОСТ, 4-та класа според ЗАСИТЕНОСТ СО КИСЛОРОД, 3-та класа по присуство на АМОНИЈАК, по однос на останати испитани параметри е во 2 -ра и 1-ва класа. ВАЖНО: од извршениот санитарно хигиенски увид на ЕЗЕРО МЛАДОСТ на мерно место „ГРАДСКА ПЛАЖА 1,, се заклучува дека постои видлива пролиферација на алги и појава на пена на крајбрежјето. ВОДАТА НЕ СМЕЕ ДА СЕ КОРИСТИ ЗА КАПЕЊЕ И РЕКРЕАЦИЈА се додека од стручна институција не се докаже отсуство на ЦИЈАНОБАКТЕРИИ, но и ЦИЈАНОтоксини, со што би можело да се изврши комплетна проценка на безбедност на водата.“

На мерното место плажи кај хотели примерокот од површинската вода на езеро „Младост“ што Центар за јавно здравје Велес го земал и анализирал од 15 до 19 мај покажува дека матноста на водата е 7,5 пати повисока од максимално дозволените концентрации, растворениот кислород изнесува 13,64 мг/л (без дозволена концентрација за да се направи споредба) додека останатите параметри се скоро со идентични резултати како и на мерно место прва или Градска плажа.

Во стручното мислење Центар за јавно здравје Велес пишува:

„Врз основа на лабораториските наоди, анализираната мостра на вода по однос на микробиолошките индидикатори е оценета ОДЛИЧНА, а по однос на физичко-хемиските параметри одговара на 5-та класа по присутна МАТНОСТ, 4-та класа според ЗАСИТЕНОСТ СО КИСЛОРОД, 3-та класа по присуство на АМОНИЈАК, по однос на останати испитани параметри е во 2-ра и 1-ва класа. ВАЖНО: од извршениот санитарно хигиенски увид на ЕЗЕРО МЛАДОСТ на ова мерно место се заклучува дека постои видлива пролиферација на алги и појава на пена на крајбрежјето. ВОДАТА НЕ СМЕЕ ДА СЕ КОРИСТИ ЗА КАПЕЊЕ И РЕКРЕАЦИЈА се додека од стручна институција не се докаже отсуство на ЦИЈАНОБАКТЕРИИ, но и ЦИЈАНОТОКСИНИНИ, со што би можело да се изврши комплетна проценка на безбедност на водата.“

Резултатите од испитувањата објавени се на веб страницата на Општина Велес. Досега нема стручна реакција по истите.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.