Митинг на Коалицијата за промени и правда во Велес: „Не плашете се режимот ќе паѓа“
Најниска плата од 300 и најниска пензија од 200 евра за граѓаните во Македонија е едно од повеќето економски предизборни ветувања на Коалицијата за промени и правда .На предизборниот митинг во Велес лидерот Јове Кекеновски образложи зошто тоа е остварливо предизборно ветување испланирано од економистите на Коалицијата.
– Доволно е да ги вратиме украдените пари во буџетот на Република Македонија. Оние 7 милијарди евра кои се украдени и изнесени од државата. Секако дека тие ќе бидат доволно како основа за почеток, за да се обидеме да ги реализираме нашите ветувања, рече Кекеновски.
Тој додаде дека Коалицијата за промени и правда се залага да прекине десет годишниот авторитарен систем на криминално владеење на власта во Македонија како и заложбата – извршната власт да не смее да биде доминантна над законодавната и судската.
– Предвидуваме кратење од 123 на 90 пратеници, преставници на граѓаните во законодавниот дом. За педесет отсто намалување на извршната власт како и укинување на сите агенции и регулаторни тела кои само го оптеретуваат буџетот. Сигурно дека ова важи и за прекубројната администрација бидејќи не смееме и понатаму да дозволиме да имаме партиски извршители кои ќе примаат плата а ќе седат дома, рече Кекеновски.
Носителката на кандидатската листа на Коалицијата за промени и правда во третата изборна единица Весна Стојменовска вети дека штом ја добијат довербата на граѓаните и станат дел од новата власт во Македонија ќе ја прекинат добро познатата шема на вработување во која единствен критериум е партиската книшка.
– Ние зборуваме за прекинување на злоупотребата од партиите и пред се од носителите на функции при селектирањето на кандидатите. За тоа ќе предвидиме казна од најмалку една година затвор во Кривичниот законик. За сите оние кои партиската или секоја друга позиција во власта ќе ја злоупотребат и ќе вработуваат партиски кадри. Единствено така може да се департизира администрацијата и да добиеме стручна и добро платена администрација што ќе биде сервис за сите граѓани, рече Стојменовска.
На кандидатската листа за пратеници на Коалицијата за промени и правда во Изборната единица број 3 се наоѓа и велешанецот Жан Мешков.
– Јас сум сигурен дека не повеќето туку сите ние, од овој или оној етникум, вработени или исфрлени на асфалтот, сосема јасно знаеме зошто на 11 декември оваа единаесетгодишна коалициска власт треба да ја обезвластиме. Не плашете се режимот ќе падне, рече Мешков.
На митингот во салата „Бели Мугри“ исто така говореа уште неколкумина носители на кандидатски листи на Коалицијата за промени и правда во останатите изборни единици. Меѓу нив беше и Слободан Богоевски. Коалицијата го промовиран слоганот „Не плашете се режимот ќе паѓа“ како и редниот број 5 на гласачкото ливче.
Убавка Јаневска