Кандидатот на СДСМ за пратеник – Иванов: „Колку се задолжени граѓаните од десетгодишното владеење на вмромските Влади и функционери?“
Велешките Социјалдемократи денеска на прес конференција ја запрашаа власта зошто кога пред велешани бил промовиран Отчетот на ВМРО ДПМНЕ не било соопштено и колку граѓаните се задолжени од страна на вмровските Влади и функционери.
– Колку пари е задолжен секој граѓанин на оваа земја, имајќи ги во предвид зборовите на кумот на Груевски, Зоран Ставревски: „Ние сме лудаци, ние немаме за леб, а трошиме на чоколади !, праша кандидатот за пратеник на СДСМ од Велес, Панче Иванов.
Тој побара отчет од власта во кој ќе одговори и на прашањето колку млади луѓе се исселија од Македонија, во последните десет години, во потрага по егзистенција и подобар живот за себе и своите семејства.
– Овие прашања Вие, драги велешани треба секојдневно да им ги поставувате на кандидатите на ВМРО ДПМНЕ, Димовски и Коџабашиев, кога ве посетуваат. Ако можат, ако знаат, ако немаат срам, нека се одважат, нека ве погледнат во очи и нека одговорат, рече Иванов.
На прес конференцијата Иванов соопшти дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на граѓаните им ветува враќање на ефтината струја и по 15% од платениот ДДВ од фискалните сметки, укинување на радиодифузната такса, намалување на казните, за судските, адвокатски и извршителски трошоци и камати – намалени трошоци на 20% од спорот, каматите на 50% од долгот. Воведуваме фер даноци, сиромашните ќе плаќаат помалку. Исто така ги зголемуваме субвенциите, земјоделците ќе добиваат 160 милиони евра годишно и тоа на време, рече Иванов.
Тој како кандидат за пратеник во Изборната единица број 3 на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија издвои уште неколку партиски ветувања од програмата „Визија за Македонија“ кои се однесуваат на младите граѓани како што се воведувањето на младинската европска гаранција која значи дека во рок од четири месеци по завршување на школувањето секој млад човек ќе добие понуда за вработување, понуда за тренинг, односно понуда да го продолжи своето школување како и финансиската помош во висина од неповратни 10.000 евра што ќе може да ја искористат млади луѓе со добра бизнис идеја со цел да останат во Македонија./Д.С