СДСМ во Кавадарци: “Подобра иднина за лозарите и подобар живот за сите“
Подобар живот и повисок стандард за сите граѓани, поголема грижа на државата за откупот и цената на грозјето, висока позиција за Кавадарци во извршната власт, правда за сите граѓани подеднакво, бесплатно здравство за сите – се само дел од ветувањата што пред кавадарани на преполнетиот плоштад ги испорача лидерот на СДСМ и носител на листата во четвртата изборна единица, Зоран Заев.
„ Ќе има живот за сите нас. На дофат ни е тој живот. Просечната плата од 500 евра ќе ви овозможи да имате пристоен живот. Нема повеќе да се срамите од вашето дете кога му велите дека немате. После промените, вашите деца нема да ви заминуваат. Тоа е прво и најважно во нашата програма“ – рече Зоран Заев.
Тој се осврна и на маките на земјоделците и потсети дека и тој своевремено бил земјоделец.
„ Работев и се мачев додека не научив како поштено да се работи во земјоделството. И научив. На моите раце се е запишано. Ја знам земјоделската мака и барам поддршка од земјоделците. Ги враќаме парите кај земјоделците. Ќе има гарантиран откуп на грозјето од државата. Вие нема повеќе да висите пред откупните пунктови и визбите. Ваше е да произведете. Најдоцна до мај ќе се знае откупната цена. Државата ќе гарантира исплата на грозјето. Владата ќе си има работа со откупувачите. Никогаш повеќе нема да ви се случи понижувањето од оваа година“ рече Заев.
Заев за земјоделците најави дека нема да плаќаат персонален данок, ќе се воведела зелена нафта и поевтини репро материјали. За обвинувањата од ВМРО – ДПМНЕ за федерализација на државата, Заев нагласи дека тоа била лага испорачана од Груевски, исто како што лажел дека прислушувале жолти комбиња и странски служби.
„Нема да дозволам никој да го менува Уставот. Бидете спокојни. Не дозволувајте да ве лаже Груевски за нови 4 години власт“ порача лидерот на СДСМ и најави конфискација на имотот на актуелните функционери кој бил незаконски стекнат и парите ќе ги врател кај граѓаните.
„Држете го Груевски понастрана од Кавадарци за да не ви скисне виното. Од Груевски му е скиснато и неговите“ рече Заев на синоќашниот митинг.
„„Се грижам за 820 семејства за да имаат нивните деца дома храна. Значи, ако ние во Струмица сме можеле без кредити, може и земјата. Ние гарантираме бесплатно лекување за сите. Нема веќе луѓе да ни умираат по болници. После 11 декември јас ќе сум премиер и јас лично ќе ги бранам граѓаните. Уставот никој нема да го смени, тој ќе почитува. Груевски, на тебе и братучедите ќе ви одземе законот се што сте земале незаконски – рече Заев и ги повика граѓаните да излезат да гласаат на 11 декември за да има живот во Македонија.
„По 11 декември Македонија нема повеќе да биде приватна држава на Груевски“ рече пред своите сограѓани кандидатот за пратеник Бетиан Китев. Вети во првите шест месеци минимална плата од 12 илјади денари која до крај на мандат ќе достигнела 16.000 денари и просечна плата до 2020 година од 30.000 денари.
„Кавадарци беше меѓу четирите најбогати градовии. Власта на ДПМНЕ го уништи лозарството. Тие повикаа да се садело афион. Храбро, единствени и сплотени да се спротивставиме на криминалната власт. Никогаш повеќе лозрите нема да стравуваат за исплатата на грозјето. Ќе престанат рекетирањето на фирмите“ рече Китев и упати повик и до разочараните од ВМРО-ДПМНЕ да и се приклучат на опозицијата и како што нагласи, рамо до рамо да се спаси Македонија.
На митингот се обрати и лидерот на Либерално демократската партија, Горан Милевски. Нагласи дека народот на 11 декември ќе му кажел не, на ВМРО-ДПМНЕ и на Панчо Минов.
„ Зарем Минов имаш лице да бидеш кандидат на власта? На Никола Груевски не му бега „Шутка“. Ги одбројуваме деновите кога ќе почнеме да живееме слободно. Ги посетивме сите села и градови. Народот не е задоволен, тешко се живее, нема работа, нема пари. Младите бегаат во странство. Ние нудиме план за живот во Македонија. Законот ќе важи за сите, со нула толеранција за криминалот. Власта шири омраза и навредува. Нудат реторика од 19 век. Празни се и без идеи. Знаат дека ќе одговараат за сите злодела. Доста ни е од африканскиот стандарт, сакаме европски норми и плати. Да се укинат големите казни кон народот. Сакаме чист воздух, сакаме соживот. Затоа цела Македонија ќе гласа за бројот 4 на изборните листи – рече Милески.
На почетокот на митингот пред кавадарчани се обрати и Димо Станоев, лозаропроизводител од Кавадарци кој нагласи дека никогаш не било полошо во лозарството како што било оваа година и тоа поради лошите политики на власта.
Ангел Данов