Груевски од Велес: народот знае кој и што направил за нив
Некој однадвор го спрема Зоран Заев да дојде на власт во Македонија, некој однадвор ќе го поставел за премиер. Сакам уште еднаш да му порачам, премиер во оваа наша заедничка Македонија, бира народот, граѓаните на Р.Македонија, турците, албанците, ромите, власите, бошњаците и сите останати граѓани на држава, рече од митингот во Велес лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски. Тој истакна дека тоа не е трговија туку функција која треба да се заслужи, работејќи чесно, посветено и одговорно и помагајќи му на народот. Според него Заев водел кампања со лажни и нереални ветувања.
– Слушнавме дека ќе враќале по 15 посто од ДДВ то и на тој начин годишно граѓаните ќе добивале уште по 500 евра плус во домаќинство . Ајде да им ја кажеме пресметката на граѓаните. За да добие по 500 евра секој човек месечно треба да троши по најмалку 2000 евра . Колку луѓе во државава секој месец трошат по две илјади евра, можеби Зоран Заев и брат му Вицето трошат по две илјади евра ама овој народ троши многу помалку, десетпати помалку и не е фер да се залажува. Тој кога ги кажува пресметките ги кажува на ДДВ од 18 посто а нашиот народ најголем дел од парите ги троши за услуги и производи кои се на пет проценти ДДВ , за вода, за храна, за електрична енергија и за многу други работи кои оваа влада на ДПМНЕ ги префрли од 18 на пет проценти, рече Груевски.
Груевски истакна дека граѓаните многу добро ги познаваат и едните и другите затоа што досега имале шанси да се покажат и порача дека на 11 декември нема да згрешат во изборот , кој да ги води во наредните четири години.
Пред велешани се обрати и носителот на листата со пратеници во третата изборна единица Илија Димовски. Тој ги потсети на изминатите години кога власта предводена од ВМРО ДПМНЕ успеала Велес да го врати на мапата на Македонија.
– Кога СДСМ си одеше од власт, во Велес на работа одеа само 9.831 граѓани, додека денеска на работа одат 15.579 граѓани. Разликата е очигледна. Во време на СДСМ се затвораа фабриките, во време на ВМРО се отвораа фабриките, во време на СДСМ имаше стечајци, во време на ВМРО тргнуваа луѓео на работа. Во време на СДСМ имаше технолошки вишоци а во време на ВМРО се доделуваа субвенции, рече Димовски.
На митингот на Коалицијата за подобра Македонија говореа и претставниците на помалите политички партии кои се дел од коалицијата.