Кандидатот за пратеник на СДСМ, Иванов: Граѓаните бараат повеќе информации за економскиот дел од „Планот за живот во Македонија“
Колку ќе изнесува просечната плата а колку минималната загарантирана плата, за колку проценти ќе пораснат пензиите и платите во јавната администрација биле најчесто поставувани прашања на средбите со граѓани што ги држел деновиве кандидатот за пратеник на СДСМ во ИЕ 3, Панче Иванов. Помладите граѓани пак се интересирале за поддршката што е предвидена во изборната програма “План за живот во Македонија“.
На денешната прес конференција Иванов уште еднаш се осврна на овие прашања од економскиот дел на програмата.
– Гарантираме минимална плата од 12.000 денари од Април 2017 година, а во 2020 година минималната плата да изнесува 16.000 денари. Ќе важи за сите работници и за вработените во текстилната и кожарската индустрија. Наша цел е просечната плата да ја покачиме до 30.000 денари. Во едно семејство со двајца вработени, заедничкиот приход да биде 1.000 евра месечно. Платите во јавниот и државниот сектор ќе растат со развојот на економијата во Македонија. Пензиите ќе растат онака како што растат трошоците за живот, рече Иванов.
Тој потенцираше дека за СДСМ значајни се и домашните фирми, за кои предвиделе 100 пати поголема државна помош од досегашната.
– Во првата година од мандатот, обезбедуваме, 22 милиони евра за мерки за вработување, што е 3 пати повеќе во однос на просекот од претходните години. Планирано е оваа сума да се зголемува и да достигне 33 милиони евра до крајот на мандатот. Со овие мерки се предвидува да се вработат, во просек, 16.000 лица годишно, рече Иванов.
Според кандидатот за пратеник Панче Иванов, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ја воведува младинската европска гаранција со цел да се намали исселувањето на младите луѓе од државата. Партијата со коалиционите партнери предвидуваат секој млад човек во рок од четири месеци по завршување на школувањето да добие понуда за вработување, понуда за тренинг, односно понуда да го продолжи своето школување. За младите пак со добра идеја предвидуваат 10.000 евра неповратни средства со цел да ја реализираат идејата и да останат во Македонија. При основањето на компанија нив да им е потребно само едно евро, основачки влог, како и можноста кредитно да се задолжат со 15.000 евра и со само 1% камата./Д.С