Погребани посмртните останки на академскиот сликар Александар Сашко Попов
Во семејната гробница на новите гробишта во Раштани, денеска, беа погребани посмртните останки на 89 годишниот академски сликар Александар Сашко Попов. Од него се простија членовите на семејството, колегите од Друштвото на ликовни уметници на Велес како и најблиските пријатели.
Попов е роден во Велес во 1933 година. Заврши Средно уметничко училиште во Скопје,во 1954 година, во класата на професор Лазар Личеновски. Попов е дипломец на Академијата за применета уметност во Белград, во поранешната држава Југославија, во класата на професор Васа Помаришац. По дипломирањето работел во Завод за применета уметност во Белград по што се враќа во родниот Велес.
Неговото творештво е препознатливо преку реалистичното сликарство кое е надополнето со експресивни елементи. Попов, исто така од модерните правци ги претпочиташе симболиката, надреализмот и фантастиката. На најголем дел од неговото творештвото академскиот сликар ги користи сликарските техники масло на платно и цртеж.
Попов реализираше над 150 изложби дома и во странство од кои најголем дел беа самостојни. Освен на поранешните југословенски простори, академскиот сликар, самостојно излагал во Торонто, Канада и Дејтон, САД.
Попов е добитник на највисокото признание на општина Велес, плакетата 9ти Ноември како и наградата за животно дело ,,Гемиџии“ на градот Велес. Исто така е добитник и на награда за Најдобар дизајн на пакување, доделена од Министерство за трговија на Република Македонија.
Александар Сашко Попов беше и ќе остане препознатлив по десетиците уметнички дела посветени на велешката староградска архитектура како и по трајното обележје на градот, поточно автентично насликаните велешки воденици на река Вардар.
Убавка Јаневска