Полицијата проверува сообраќајни знаци, пешачки премини и зони, сугерира поставување на „бариери“ на коловози пред основни и средни училиштата
Превентивно едукативниот проект „Безбедно од домот до училиштето“, годинава, Сектор за внатрешни работи Велес за прв пат ќе го спроведува во партнерство со надлежни служби на општините Велес, Кавадарци и на Неготино. Отсекот за превенција при СВР Велес во пресрет на новата учебна година од денеска врши проверки на поставени сообраќајни знаци, обележани пешачки премини, особено на сообраќајници околу основни и средни училишта во градот како и пристапи до пешачки зони.
„Активностите ќе се спроведуваат континуирано во септември и во октомври, во непосредна близина на основните и средните училишта, во периодот кога учениците доаѓаат и заминуваат од училиштето. За таа цел денеска беше направена обиколка на училиштата во трите општини, фокусирана кон преглед на поставеноста на сообраќајните знаци од вертикална и хоризонтална сигнализација, со кои се олеснува ориентацијата и движењето на учениците како пешаци во сообраќајот во близина на училиштата. Покрај тоа, беа евидентирани најпогодните траси за движење на децата од поодалечените места до училиштата, а на претставниците на локалните власти им беше укажано да се обезбеди проодност до сите пешачки зони на улиците кон училиштата, како и поставување на бариери коишто ќе спречат директено излегување на децата од училишните дворови на коловозот,“ соопшти СВР Велес.
Од секторот стигна и Апел до сите учесници во сообраќајот и посебно до возачите:
„Бидете одговорни учесници во сообраќајот, почитувајте ги сообраќајните правила и прописи и со тоа придонесете за заштита на децата во сообраќајот!“
Освен во Велес, полициските службеници вакви активности спроведуваат во Кавадарци и во Неготино.
Ова е особено значајно по несреќата во која загина дете на улица во Велес како и незгодите во кои повредени се деца, ученици,граѓани.
Убавка Јаневска