Попов: „Во велешката Гимназија се образувале генерациите коишто подоцна низ Македонија ги ширеле писменоста, свеста и знаењето“

Објавено: 24 декември, 2025, во 09:59 часот

На свеченоста пред присутните се обрати директорот Илија Попов кој потенцира дека јубилејот е значан за нив, но и за Велес, кој е град на културата и град кој со векови бил носител поточно лулка на образованието.

Во Велес, во 1857 година формирано е училиште што организирало повисоко образование од основното од страна на учителот Јордан Хаџи Константинов – Џинот и оттогаш започнуваат почетоците на велешката Гимназија која што стана синоним за квалитетно образование и интелектуален развој. Вака го започна своето обраќање директорот, Иле Попов, на најстарата македонска Гимназија, велешката, на одбележувањето на 168 годишнината од постоењето.

„ Низ децениите, Гимназијата, го делела судбинскот пат на народот. Го преживеала Османлискиот период, Илинденското востание, Балканските и двете Светски војни. Во неа се образувале генерации што подоцна низ цела Македонија ги ширеле писменоста, свеста и знаењето. Почетоците на Гимназијата се поврзани со дејноста на Јордан Хаџи Константинов-Џинот како одговор на потребата на младите велешани да добијат повисоко образование. Со растот на градот растела и Гимназијата менувајќи ги своите простории, но никогаш и својата мисија. Особено значајно во историјата на Гимназијата е учебната  1945/46 година кога наставата за првпат започнува на мајчин, македонски јазик,а истата година Наставничкиот совет донел одлука Гимназијата да го носи името на Кочо Рацин. Со нашето чествување ние не му оддаваме само почит на поетот, туку и на вредностите што тој ги живеел и оставил во аменет, додаде Попов.

Оддавајќи им почит на сите наставници и ученици кои учеле во Гимназијата, Попов,констатира сите тие се почестени со тоа што се дел од една долга и вредна историја и соопшти дека посветено ќе работи на зачувување на гимназиската традиција и во интерес на учениците, наставниците и заедницата.

На свечената програмата, по повод Патрониот празник на велешката Гимназија и на денот на раѓањето на патронот Кочо Рацин, публиката во велешки Театар „Јордан Х.К.Џинот“ ги слушна изведбите на химната на Велес „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“ и училишната химна „Денови“ на текст на Рацин од страна на хорот и оркестарот под водство на професорот Атанас Зафиров.

Потоа учениците премиерно ја изведоа претставата „Женидба“ на текст на рускиот писател, хуморист и сатиричар со украинско потекло Николај Василевич Гогољ.

„Женидба“ е духовита и сатирична комедија во која Гогољ со остроумие и хумор ги разоткрива стравот од донесување одлука и апсурдот на општествените норми. Преку низа комични стиуации и впечатливи ликови, делото зборува за бракот како обврска, но и како бегство од осаменоста.

Оваа безвременска комедија нè потсетува дека најтешката одлука понекогаш е токму онаа што понекогаш сами ја посакуваме. Играјќи ги улогите, овие млади уметници на возраст од петнаесет до осумнаесет години, ќе се обидат да ве насмеат и да го предизвикаат вашиот аплауз кој пак е мотив за нив и за нас, за уште многу нови предизвици и многубројни театарски претстави.

Во претставата настапија учениците Кристојан Мартинов,Изабела Жабева,Теодора Панова, Лана Басаров,Марио Заеков,Матеј Славевски,Сергеј Рушков,Ива Ракиџиева, Марко Стојановски, Катја Зафирова, Јована Петрушевска, Берфин Тафоска,Марија Симоновиќ и Лана Ракиџиева. Претставата беше создадена под менторство на професорките по македонски јазик: Цветанка Карамаркова, Весна Павлова, Магдалена Сарагинова и Александра Стојановска. За сценографијата на претставата се погрижи професор Јулијана Стумбова додека за музиката  професор Атанас Зафиров.

„Мајката на Рацин“ беше тема на годинешната ликовна изложба на која твореа  учениците посветувајќи и ја на Марија Солева.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.