Посебен режим на сообраќај во Велес за време на „Питијада 2022“
Традиционалната манифестација „Питијада 2022“ што годинава ќе се одржи од седми до девети октомври, целосно ќе го промени режимот на сообраќај во градот. Манифестацијата ќе се одржи на локација пред велешка гимназија „Кочо Рацин“ со што целосно ќе биде затворена улицата од Авона до Гимназија. Полициски службеници од Одделение за безбедност на патниот сообраќај ќе го пренасочуваат сообраќајот по околните сообраќајници.
– Сообраќајот по улицата „Благој Ѓорев“, на потегот од Авона до Гимнзијата, ќе биде целосно затворен, додека на потегот од театарот до поштата сообраќајот ќе се одвива двонасочно, како и по улицата „Алексо Дамниевски“. Сообраќајот на улицата „Лазо Осмаков“ ќе се одвива во еден правец, но во обратна насока од постоечкиот режим, додека улиците „Наум Наумовски“, „Кумановска“ и „Оливер Китановски“ ќе бидат целосно затворени за сообраќаj, соопшти Ристе Самарџиев портпарол на Сектор за внатрешни работи Велес.
Од Министерство за внатрешни работи и Сектор за внатрешни работи Велес се апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите што ќе ги даваат униформираните полициски службеници со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Инаку, Министерство за внатрешни работи и Општина Велес целосно ќе ги преземат мерките за манифестацијата да помине непречено и во најдобар ред.
Стефани Манева