Пожарникарите шест часа се бореа со пожарот кај поранешна „Порцеланка“ откако угаснаа два други во близина на Оризари
Пожарот којшто избувна вчера поручекта на ридот спроти поранешна „Свилара“ поточно над патот кој води кон село Оризари по шест часа бил целосно изгаснат. Во Територијална противпожарна единица Велес во 16:58 часот било пријавено дека кај поранешна „Порцеланка“ горат борчиња по што на лице место излегле дванаесет пожарникари со четири противпожарни возила.
Пожарот бил во развиена фаза и зафатил трева, ниска вегетација и грмушки по што се доближил и до погони на поранешна велешка „Порцеланка“ и според командирот на ТППЕ Велес Диме Јованов било ризично и небезбедно по животот како на пожарникарите така и на околното население. Пожарот целосно бил изгаснат во 23:35 часот.
Според информациите на дежурниот службеник од Регионалниот центар за управување со кризи Велес соопштија дека вчера во тој дел на општината избувнале вкупно три пожари поточно над гробиштата во село Оризари каде гореле висока сува трева и нискостеблест жбунец, потоа како втора локација на којашто се појавил пожар било на ридот од десна страна на патот од Велес кон Чашка како и пожарот во близина на поранешна „Порцеланка“.
Стефани Манева