Продажбата на огревно дрво со цена над 3.000 денари за метар кубен не е законска
Пазарниот инспекторат и Државниот инспекторат за шумарство и ловство ќе треба да и соопштат на владата зошто огревното дрво во приватните складови се продава по повискока цена од 3.000 денари за метар кубен којашто е утврдена во државниот правилник за продажба. Ова денеска на средба со новинарите го соопшти министерот за заштита на животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
„Ние ја отворивме оваа тема на минатата владина седница. Во правилникот пишува 3 000 денари. Зошто се продава со вакви цени во приватниот сектор очекуваме да добиеме информација од Инспекторатот“, рече Нуредини.
Според изјава на министерот независно дали граѓаните набавуваат огревно дрво од шумските стопанства поточно подружниците на Јавното претпријатие „Македонски шуми“ или од приватни складови цената треба да биде иста. И државното претпријатие и приватните складови треба да го продаваат огревното дрво според цената што ја утврдила владата поточно 3.000,00 денари.
Но изјавите на граѓаните говорат дека наспроти продажбата во државниот склад, на ШС„Бабуна“, каде метар кубен дрва изнесува и помалку од 3.000 денари во приватните, годинава, огревното дрво се продавало по цена од 4.400 до 5.100 денари. Како се наближува почетокот на грејната сезона така раснела и цената на метар кубен.
Последната цена по којашто деновиве приватните складови во Велес продавале огревно дрво изнесува над 5.000 денари за метар кубен.
Убавка Јаневска