Промовиран романот „Солзите на сестра ми“ од Лилјана Зашова во Велес (фото)
Пензионерските денови во седмата деценија од својот живот, Лилјана Зашова одлучила да ги поминува пишувајќи роман инспирирана од една вистинска приказна за посвојување на две близначки од Македонија во Франција. Како што вели таа, приказната ја имала слушнато пред 20 години и не знае да објасни зошто токму сега одлучила да ја напише и објави. Скоро три години, писателката собирала информации и работела на овој роман.
-Сакам да ги поттикнам сите да почнат да говорат гласно на темата „посвојување на деца“, бидејќи кај нас е како притисната и загушена. Јас по објавувањето на книгата од еден наш познат писател добив честитки за две работи. Прво, што сум пишувала на тема за којашто скоро никој не пишува и второ, што на 70 години сум одлучила да напишам роман. Книгата практично како да повикува на некое продолжение, па многу често читателите знаат да ми го постават прашањето „дали ќе има втор дел“?. Јас можам само да кажам дека во моментов собирам информации и би сакала да го реализирам тоа нивно очекување. Очигледно читателите сакаат да прочитаат друг крај на приказната, додаде Зашова.
Промоторката на романот и позната писателка, Нада Алексова, рече дека делото на Зашова кај читателите ќе предизвика многу различни емоции.
-Преку некои од ликовите и нивните доживувања читателот ќе се запознае со многу убавини, интересни објекти и знаменитости. Во романот читателот ќе патува од Париз до Скопје, од Женева до Лион, потоа до Њу Јорк и пак ќе се врати во Скопје, поточно во едно село распослано на Скопска Црна Гора. Инаку романот содржински опфаќа само еден момент а тоа е посвојување на две близначки, но да дојде до тоа писателката прави паралела преку случувања во Македонија и во Франција преку три главни ликови, лекар од Скопје, француски брачен пар и семејството од едно село во Скопска Црна Гора, додаде Алексова.
За време на промоцјата, сопругот на писателката, Благој Зашов, познат долгогодишен дипломат на Македонија, франкофон како и преведувач од француски на македонски јазик, на велешката Градска библиотека и подари свои книги кои ќе бидат дел од Француското катче.
Промоцијата со музички точки ја збогатија учениците Ива Бабуновска и Јулијана Огњановска на основното музичко училиште „Стефан Гајдов“ во Велес.
Инаку, пред 17 години Лилјана Зашова имала промоција на „Прирачник за убаво однесување“. Прирачникот им служи за едукација како на македонските дипломати така и на младите луѓе.
Стефани Манева