Технички исправна механизација за поголема безбедност во сообраќајот!
Кавадаречката полиција се сретна со земјоделците од општина Росоман и им ги предочи позитивните ефекти од техничката исправност на земјоделските машини. Токму земјоделската механизација во наредниот период ќе биде активно вклучена во сообраќај, а поради неисправност е причина за сообраќајни незгоди.
„Ваквите средби знаат да дадат позитивни резултати, бидејќи во овој период од годината земјоделските машини ги има многу почесто на коловозите. Тие во вечерните часови најчесто се неосветлени и неодбележани, поради што неретко се и причинители на сообраќајни незгоди“ рекоа инспекторите за превенција од полициска станица Кавадарци.
Тие ги советуваа земјоделците да обрнат поголемо внимание на техничката исправност кога се во сообраќај и да бидат внимателни кога вршат превезување на луѓе и товар. Им беше посочено дека треба да се придржуваат до законските прописи за да придонесат за безбеден сообраќај.
Од полицијата најавија дека вакви трибини ќе се организираат и во останатите населени места. Во наредниот период ќе се едуцираат и земјоделците од Сирково, Трстеник, Возарци, Сопот, Марена, Бегниште, Ресава и Дреново.
На учесниците во овие средби им се делат и едукативни флаери под мотото “Со техничка исправност до поголема безбедност“, а на вчерашната трибина во Росоман присутните добија и светлосно сигнални уреди./А.Д