Нова меѓународна соработка на Славјански Универзитет
Меѓународниот Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“ ќе соработува со Северно-Кавкаскиот Федерален Универзитет од Ставропол, Русија. Договорот за соработка беше потпишан во Свети Николе од проф. д-р Душан Николовски, Ректорот на Меѓународниот Славјански Универзитет и проф. д-р Ирина Бондар, декан на Факултетот за услуги, туризам и дизајн при Северно-Кавкаскиот Федерален Универзитет.
„Тоа е многу важен договор за Северно-Кавкаскиот Универзитет, затоа што Македонија е словенска земја, а во неа студираат студенти и од други земји. Ние со задоволство ќе ги поддржуваме ваквите односи во иднина и максимално ќе помагаме како во наставата, така и во научните истражувања,“ рече проф. д-р Бондар.
Северно-Кавкаскиот Универзитет е еден од деветте федерални Универзитети во Русија, финансирани од Владата. Високообразовната институција е составена од 11 институти од кои десет во Ставропол и еден во Пјатигорск. На Северно-Кавкаскиот Универзитет студираат преку 30 000 домашни и странски студенти, од 84 различни националности.
Двата Универзитети договорија организирање на заеднички конференции од областа на економијата, историјата, инженерските струки, како и размена на студенти во рамките на болоњскиот процес.
Професорката Бондар изјави дека руските студенти се заинтересирани за доаѓање во Македонија, пред се поради близината на јазиците, со што би се овозможила нивна полесна адаптација. На прашањето дали македонските студенти би имале поволности доколку се одлучат да студираат на Северно-Кавкаскиот Федерален Универзитет, професорката одговори дека во Русија образованието не е бесплатно, но тие би можеле да најдат начин за олеснување на трошоците, како што се сместување во студентски дом и слично./Д.С