Голем број на матуранти од Велес се определија да студираат на Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романовиќ Державин“во Св. Николе
Видно задоволни од тоа што го видоа и слушнаа на отворениот ден на Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романовиќ Державин“во Св. Николе, стотина матуранти од Гимназијата Кочо Рацин и хемиското училиште Димитрија Чуповски од Велес се чекор понапред во својата одлука каде да го продолжат своето високо образование. Не само што се запознаа со високо-образовната институција туку и имаа можност на практичен начин да се доближат до насоките што ги нуди Универзитетот. Поделени во групи учествуваа на пет работилници кои ги промовираа петте факултети, а за трудот што го вложија добија и сертификати.
„Искрено да ви кажам не зажалив што дојдов тука. Се уште се немам определено што ќе студирам, но овој отворен ден на Славјанскиот универзитет некако како да ми ги отвори очите. Случајно одбрав да учествувам на работилницата за психологија и навистина сум воодушевен. Нема да се изненадам ако токму психологијата на овој Универзитет ја одберам за студирање“, рече ученикот Муамед Салиовски од економското училиште.
„Јас сум позитивно изненадена од можностите што ги нуди овој Универзитет. Намерно ја избрав работилницата за психологија и просто сум фрапирана од начинот на кој Деканката по психологија ни го презентираше овој предмет. Повеќе не се двоумам и би сакала да се запишам тука“, рече ученичката Радица Саздова од Гимназијата.
Економија, психологија, информатика, правни науки и безбедносно инженерство, ова се факултетите на Славјанскиот Универзитет кои своите врати широко им ги отвараат на идните студенти. Неограничен број на стипендии за оние кои ги исполнуваат условите како и можноста за добивање двоструки дипломи, една руска и една македонска, се само дел од предностите кои го карактеризираат овој Универзитет и го издвојуваат од останатите во државата.
Идните студенти ќе имаат можност и за неограничен пристап до руска и англиска литература, да слушаат предавања на реномирани професори од земјава и од светот, но и да престојуваат и усовршуваат во Русија.
„Имаме на располагање акредитирани пет факултета и секако тие факултети имаат по две студиски групи, но паралелно со тоа имаме и надградба значи втор циклус на студирање. И бројката од 1000 студенти не вбројува меѓу редот на подобрите Универзитети во Македонија. Паралелно со тоа имаме регистрирано и акредитирани два научни Института, едниот од областа на културата и едниот од областа на инженерската економија. Се издвојуваме и по тоа што имаме доста атрактивен и единствен во земјава факултет а тоа е факултетот за безбедносно инженерство, и тој е единствен технички факултет на приватните универзитети“, рече ректорот на универзитетот проф.д-р Душан Николовски.
„Не успеваат ни најдобрите ниту најспособните, туку оние кои најбрзо ќе се адаптираат на промените во животот“. Ова е девизата на Славјанскиот универзитет со факултети во Свети Николе и Битола . Велешките матуранти ја слушнаа и ја запаметија, а кој знае можеби во иднина и ќе ја применат./Д.С