Реконструкција на речното корито и одржување за заштита од пороен дожд во градот
Сега ништо не потсетува дека пред една година во населбата „Ливади“ се случи најголемата поплава што досега ја паметат светиниколчани. Граѓаните од овој дел на градот велат дека нашле решение ги исчистиле поплавените подруми, куќи и шупи но, не и за упропастениот мебел и апарати за домаќинство. Она што според нив е добра работа е тоа што локалната самоуправа извлекла поука од катастрофата што се случи и сега редовно го чисти речното корито и не дозволува да се затне атмосверската канализација. Тие две работи биле главна причина за ланската поплава или за годинешниот мир кој го има во населбата, сметаат жителите.
– Тогаш беше страшно, што да ви кажувам кога знаете. Претрпевме голема штета. Да чукнеме во дрво, од тогаш веќе не се повтори бидејки редовно се чисти речното корито и атмосверската канализација. Единствено што ни треба за комплетно да ја заборавиме таа траума е исплатата на парите по основ на елементарна непогода, рече светиниколчанец.
– Мене комплетно ми настрада целокупното домакинство ако ги исплатат парите ќе биде добро, ке можам да си ги доплатам ратите за апаратите и каучите што си ги купивме. Ова што го кажува мојот сосед е вистина, засега немаме проблеми а гледаме како редовно се чисти коритото и канализацијата и тоа ни дава надеж дека на силни врнежи нема никогаш повторно да ни се случи она што веќе еднаш го преживеавме, рече светиниколчанец.
Во општината велат дека освен она што го гледаат граѓаните тие имале посериозен пристап за решавање на проблемот. Во финална фаза, проект, кој ќе овозможи нова регулација на речното корито на потегот од Домот на култура до улицата „Крсте Мисирков“. Со парите што можат да се обезбедат од Управата за води и преку министерството за животна средина ќе се постеле со нов камен дното на коритото и ќе треба да се обложат двете страни за да прифати поголема количина на вода, вели градоначалникот Зоран Тасев.
– И во преговори сме со државните институции, притискаме колку што можеме, со цел да им се исплатат парите за штетата на граѓаните кои настрадаа во поплавата. Мислам дека до крајниот рок тоа ќе се случи. Инаку редовно се чисти речното корито затоа што само така не се запушува атмосферската канализација и не се појавуваат поплави на улиците. Некој ќе рече па што е тоа? Јас сметам дека е голема работа. Инаку сериозна и страшна беше сликата од ланските поплави, рече Тасев.
Општината планира да го реализира и проектот за дорегулација на речното корито од потегот кај Земјоделското училиште до стар „Картонтекс“. Тоа значи да се обнови, реконструира и редовно да се одржува реката Поток. Коритото мине 4 километри долж централното градско подрачје.
Паралелно со решението на овој сериозен проблем на градот, според таткото на Свети Николе, годинава таму комплетно ќе се уредува улицата „Младинска“ во должина од 580 метри како и 1 км од улицата „Крсте Мисирков“ која е главна заобиколница во Свети Николе.
– Ние не сме богата општина и затоа мора да обезбедиме конечно решение со секоја градежна инвестиција што ја превземаме. Наместо како досега со ситни зафати , раскопај и постави водовод или канализација, па потоа повторно раскопај за некаква друга потреба, што досега било правено во повеќе наврати, сега одлучивме комплетна замена на водовод и канализација, изместување под тротоар, и тампонирање и поставување на нов асвалт на улицата, рече Тасев.
Општината за првата улица обезбедила пари, 15 милиони денари од Светска банка. Таму планира да конкурира за да ги обезбеди парите , вкупно 18 милиони денари, и за вториот проект, за втората улица. /Б.Н