Тажна приказна за велешките симит и таан алва
Многумина знаат и пробале што значи да јадеш симит и алва. Мојата генерација ја имаше таа доблест секое утро да чека ред за симит пред фурната на Калдрма, кај училиштето „Св.Кирил и Методиј“.
Но, постои во велешката историја и тажна приказна за симитот и таан алвата. Според мојот соговорник, кој сакаше да биде анонимен, приказната ја запишала Вера Далева Урумова, на последните страници и на задната корица на една книга. Запишаното е со мастило,со ситен ракопис, доста читлив. Други податоци за писателката немаме, ниту за времето кога е запишана приказната.
Приказната е посветена на Костадин Урумов со прекар „Црното“. Бил младо момче со црна коса како „зифт“, што се вели. Затоа и другарите го завикале Коце „Црното“. Завршил Гимназија во Велес и се оддал на трговија. Добро му тргнала работата и за кратко време започнал да организира каравани со стока што ја носел и продавал во Солун, во Софија, во Будим, па се до Беч.
Се оженил со Румена, убава мома која во се му доликувала на Коце.Тој бил пресреќен бидејќи Румена го поддржувала во работата, му помагала, му ги водела сметките и книгите.
Но, среќата кратко траела. Румена се разболела. Коце ги донел најдобрите тогашни лекари. Тој ја однел Румена и во Софија на преглед. Сите лекари вртеле глави, препишувале лекови, а болеста полека напредувала.
Коце направил добра зделка и било потребно голем карван да потера за Солун. Тој се размислувал дали да ја остави сама Румена додека таа го охрабрила да не ја пропушта работата, туку да замине за Солун.
Коце ја запрашал сопругата што да и` донесе од Солун, дали свилени фустани, или кадифе везено со срма, а можеби и нова паларија или пак чипка. Но, Румена посакала тој да се врати и да и` донесе симит и таан алва.
Коце се насмевнал и веднаш пратил човек во фурната на Трчкови со нарачка наредното утро, во мугрите, да направат една тава симит и да е готова кога ќе се врати караванот.
Потоа заминал за Солун и таму успешно ја завршил работата. На враќање ги зафатил дожд, но Коце им кажал на кираџиите дека ке добијат двојна надница ако стасаат на време во Велес.
Веднаш отишол во фурната, ги зел симитот и таан алвата и поитал кон дома. Но, уште на сокакот пред неговата куќа го обземала „јанџа“ бидејќи куќата била осветлена, портата отворена, а луѓе влегувале внатре и излегувале надвор.
Штом стапнал на прагот му кажале дека неговата Румена починала ноќта и не го дочекала неговото враќање. Коце замолил да остане малку насамо со мртовецот. Потоа ги повикал неговите луѓе и им дал пари да одат по велешките фурни и да го откупат целиот симит што бил подготвен за продажба тоа утро.
Велешани раскажуваа дека само тој ден Велес останал без симит.
Граѓаните се чуделе, но набргу ја дознале вистина. А Коце ја погребал Румена и „за душа“ се служеле симит и алва. Потоа млади момчиња се растрчале по велешката чаршија и по дуќаните делеле симит и алва. Продолжиле и на пазарот, „раздавулки“ им се делеле на сиромасите, на сите што се нашле тогаш на улиците, маалата и сокаците низ Велес. Цел Велес тој ден мирисал на симит и алва.
По една недела, велат, Костадин Урумов распродал се што имал во Велес и без да се прости со најблиските, роднините, пријателите, другарите, заминал во непознат правец. Повеќе никој не слушнал ништо за него.
Листајќи ги велешките архиви, пописи и други документи со кои располагам , дојдов до следниве податоци.
Имено во „Парохијалник“ на Аџи поп Косте, каде тој водел евиденција за сите свои парохјани, стои податок дека Костадин Урумов на 22 септември 1866 година платил лира и „черек“, за погреб со три попа. Други податоци нема напишано. Но јас си давам слобода да ги поврзам со погребот на Румена Урумова.
Исто така, ќе додадам дека Костадин Урумов е еден од оние визионери кои имале намера Вардар да го направат пловен од Велес до Солун, со проширување и чистење на неговото корито. Идеата била дереглии да можат да пловат по реката и да носат поточно да пренесуваат стока до Солун.
Идеата не се реализирала, можеби и поради заминувањето на Костадин. Но, ова прифатете го како можен факт што треба да се доистражи и поткрепи со веродостојни податоци.
Интересно би било доколку при истражувањето успееме да го откриеме и запишеме текстот на песната која била испеана за тажниот ден на велешанецот Костадин Урумов.
Но, тоа е Велес. Тој создал многу песни. Поголем дел од нив се со среќен завршеток, помал број се тажни кои умеат да го пецнат човечкото срце, но се велешки и се дел од неговата историја. Исто како тажнатав песна за симитот и таан алвата.
Вашиот хроничар
Љупчо Данов