Три нови инвестиции во велешки „Брако“, промовирани денеска пред премиерот и локалната власт
Отворена е нова линија за производство на поцинкувана жица којашто е современа и прва на европското тло, комплетно еколошка, без загадување, киселини и мазут, во заштитна средина на водорот и азот. Најсовремена технологија ќе обезбеди загарантирано вкупно производство на поцинкувана жица и жичани производи од најмалку 3.000 тони месечно. Производството ќе се изведува по сите еколошки стандарди. „Брако“ денеска направи промоција на новиот производ во присуство на Претседателот на Влада на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски. Премиерот имаше можност да се запознае со производниот процес и рече дека иновации, инвестиции во технолошки развој и во човечки капитал се три евидентни работи во кои вложува компанијата „Брако“.
-Фокусот на Владата, во услови на најголемата светска криза во поновата историја, насочен е кон три цели. Вложување за ублажување на последиците од кризата, мерки за економски развој на среден и долг рок како и реализација на капиталните инвестиции. Сите овие цели со заедничка посоветена работа на Владата, коморите, синдикатите, експертската јавност како и со поддршка на меѓународната заедница водат кон севкупен економски развој на државата. За време на обиколката на компанијата „Брако“ имавме можност да го видиме процесот на производство како и новите инвестиции со вкупна вредност од над 10 милиони евра. Овие инвестиции се многу значајни и нивната вредност е многу голема со оглед на тоа што се случуваат во моменти на најголемата економско енергетска криза. Новите инвестиции значат и раст на бројотна на нови работни места како и натамошно осовременување на производствените капацитети. Од над 1000 вработени во „Брако“, 150 се инженери додека останатите имаат најразличен образовен профил. Имајќи го овој предвид, месечната нето плата во фабриката изнесува над 30.000 денари што е над државниот просек, додаде Ковачевски.
Во „Брако“ комплетно реконстуиран е веќе постоечкиот погон за производство на поцинкувана жица. Во објектот се инсталирани најнови машини за производство на федер жица односно жица за душеци наменети за индустријата за мебел. Третата и најголема инвестиција е изградба на комплетно нова хала кадешто ќе се склопуваат новите модели на возилата од програмата „Green mashine“.
-„Брако“ во почетокот на ковид пандемијата отвори инвестиционен циклус од 10 милиони евра во велешката компанија и 21 милиони евра во сите придружни компании. Гордни сме што 70% од тие 10 милиони евра беа вложени во машини а само 30% во хали. Интензивно се купуваше нова технологија, она што е најсовремено во светот, за да се постигне поголема продуктивност. „Брако” инвестира и во сопствени „зелени” енергетски капацитети, фотоволтаична централа која што по комплетирањето на изградбата ќе биде со инсталирана моќност од 1,5 MW и ќе задоволува 40 отсто од потребите на електрична енергија на производствените капацитети што ја прави нашата компанија независна и стабилна и во услови на глобална енергетска криза. Посебно сум горд на изградбата на комплетно нова хала за „Green mashinе“ кадешто ќе се склопуваат новите модели на возила што е најголема придобивка. Оваа хала ќе го зголеми капацитетот за производство за два пати и ќе се произведуваат нови модели на возила коишто се развија од нула, од цртеж до готов производ, во рамките на оваа фабрика. Од пред една година до денеска имаме развиено уште три нови модели на машини и тоа 400ZT комплетно електрично возило, прво и ново, 500ZT постоечкото возило коешто го абдејтиравме и комплетно ново возило од нула до крај, 720ZT двокубично возило со коешто е зголемена програмата на возила, рече главниот и извршен директор како и претседател на Управен одбор на „Брако“ Кочо Анѓушев.
Соработката помеѓу локалната самоуправа и бизнис заедницата е неопходна за развој на општината, истакна Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев.
-Наша одговорност како локална власт е да го препознаеме потенцијалот на постоечките капацитети но и да го поддржиме развојот на нови. Фабриката „Брако“ е еден од одбележјето на Велес чиишто производни капацитети се познати во Македонија но и во светот. Со овој настан денеска одбележуваме уште еден нов инвестициски циклус на оваа фабрика која од повеќе аспекти ќе биде од исклучително значење за развојот на економијата во нашиот град, додаде Колев.
Анѓушев на самиот крај се заблагодари за поддршката којашто ја добива од државата, локалната самоуправа, градоначалникот, сите добавувачи но најголема благодарност упати до сите работници на фабриката „Брако“, бидејќи, како што рече во тешки услови заедно успеале да се изборат и да дојдат до прозводство и продажба во 42 држави во светот.
Стефани Манева