Ученици – прваци на државен натпревар за вештини, Муареми и Димовски се надежни претенденти за имиџот „занаетчиски Велес“
Објавено: 14 мај, 2026, во 14:04 часот
Фесаљ Муареми е ученик во трета година во образовниот профил електротехничар – енергетичар во Државното средно училиште „Коле Неделковски“ во Велес. Муареми е победник на државен натпревар на кој покажа дека поседува перфектно добри и прецизни вештини за приклучување на инсталации на електро моторен погон, поправка на електрични апарати и уреди, како и во уште неколку други области кои беа бодувани. До државниот натпревар во вештини (Skills competition), Муареми, стигна како победник и на регионален натпревар којшто се одржа во Струмица.

Неговиот ментор, професор Даниел Здравевски, за Дума.мк изјави дека Муареми немал конкуренција иако неговите ривали – врсници од истиот образовен профил од Кочани, Охрид и Скопје, биле исто така ученици кои поседувале знаење и вештини од истиот образовен профил.
-Одличниот успех што го постигнува Муареми низ образовниот процес во своето средно училиште, во изминатите години, е додадена вредност на неговите вештини што ги покажува и натпреварите, рече професор Здравевски.

На истиот натпревар но во категоријата заварувач второто место го постигна ученикот Стефан Димовски. И тој е ученик во трета година на велешкото државно училиште.

-Разликата во шестте поени со годинешниот првак не е голема, а резултатот е одраз на добрата соработка со Димовски како ученик, се што сме успеале да преточиме во дело од образовната програма и што сме сработиле во нашиот школски кабинет, во условите кои ги имаме за работа. Постигнатиот успех не направи радосни и среќни. Димовски поседува вештини на заварувач кои треба да се респектираат и надоградуваат, рече за Дума.мк, професор Иванче Иванов кој е ментор на Димовски. Овој ученик се натпреваруваше со уште двајца од Скопје и по еден од Прилеп и од Кочани.
Денес во Скопје во училиштето АСУЦ Боро Петрушевски се одржаа Државните натпревари во вештини (Skills competition) се одржаа во Скопје, во училиштето АСУЦ Боро Петрушевски во организација на македонската Занаетчиска комора и Здружение на електромашински и сообраќајни училишни центри.
Убавка Јаневска



