Украдени се дизните од обрачот на фонтаната во Младински парк која изминатиов период не работи целосно

Фонтаната во Младински парк изминатиов период не работи целосно, односно работи само централниот дел. Граѓани кои редовно го посетуваат паркот посебно во вечерните часови испратија прашања до редакцијата на Дума.мк зошто на овие високи температури не работи делот од фонтата од кадешто се распрскува водата.

Дума.мк испрати прашање до ЈКП „Дервен“ од каде одговорија дека минатата седмица биле украдени дизните од обрачот од каде се распрскува водата од фонтаната во Младински парк, додека за фонтаната кај „С’рмаале“ соопштија дека повремено се затнуваат филтрите од лисјата што паѓаат од јаворот.


-Во Младинскиот парк фонтаната во моментов не работи заради тоа што минатата седмица беа украдени дизните од обрачот од каде се распрскува водата од фонтаната. За настанот е известена полицијата. Фонтаната на С’рмаале работи исто така, со тоа што повремено се затнуваат филтрите на фонтаната од лисјата што паѓаат од јаворот, и тоа допринесува за намален проток на водата, но нашите вработени редовно ги чистат филтрите, така што проблем со функционирањето на оваа фонтана нема, пишува во одговорот на ЈКП „Дервен“.
Инаку целосно функционална е фонтаната којашто се наоѓа кај „Авона“ која последен пат била чистена вчера, на 23 јули.
Стефани Манева
