Власта и опозицијата во велешкиот совет се обвинија за дволичност

Објавено на 25 декември, 2012 во 14:48

Опозицијата наместо на седница беше на протести обвини власта. Власта носеше админисративци со наши пари на протести во Скопје, обвини опозицијата.

Советниците од опозициската СДСМ ја обвинија власта за дволичност. Велат дека ВМРО ДПМНЕ додека на мускули ја отстранува опозицијата во Скопје, тажи за неа во Велес. Според советниците од СДСМ во велешкиот совет додека нивните колеги од мнозинството вчера го гласале буџетот на седница, административци по нивна диктатура наместо на работа биле на контрапротести пред македонското собрание.

„Сите тие земаат плата од парите од даноците кои ги плаќаат граѓаните на Велес ама во работно вреем се на задача од партијата. Доста е колеги од ВМРО ДПМНЕ, на народот му е преку глава од вашата таканаречена грижа за граѓаните. Доста е со расфрлање на народни пари за вашите партиски интереси“, вели Весна Стојановска Богоевска,  советник од СДСМ.

За претседателот на советот Славчо Чадиев однесувањето на опозициските советници е срамно. Наместо да бидат на седница тие го спасуваа планот на Бранко Црвенковски за рушење на државните институции.

„Ова е исклучително лош пристап кон институцијата Совет на Општина Велес. Но, пред се значи навреда кон граѓаните. Изразувам длабоко жалење што членовите на советот помеѓу теснопартиските  интереси и интересите на градот, се одлучија за првите“, вели Славчо Чадиев, претседател на Совет на Општина Велес.

Инаку на вчерашната седница присуствуваа 13 советници од коалицијата на владеачкото мнозинство и еден од Либерал демократската партија. Опозицијата пак беше на протестите пред македонското собрание против носењето на државниот буџет.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.