Неизвесна судбината на иницијатива за дополнување на Законот за животна средина!

Објавено на 23 јануари, 2013 во 15:19

Откако претседателот на Собранието, Трајко Вељановски, ги прими и ги препрати на Владата од таму до денеска не се изјасниле за 133 те граѓански потписи со барањето оџаците на тешките загадувачи да димат на поголемо растојание од 5 км од населено место.

За 36 дена истекува крајниот рок за собирање на 10 илјади граѓански потписи за дополнување на законот за животна средина со кои може да се забрани изградба и работа на тешки загадувачи на помало растојание од 5 километри од населено место.

До денеска еколошките друштва „Вила зора“, „Еко“, „Молика“и „Грашница“не добиле одговор од Владата дали е прифатена нивната иницијатива откако  тие собраа  133 потписи на граѓани од градовите Велес, Скопје, Битола и Охрид и заедно со барање ги испратија до претседателот на Собранието Трајко Вељановски.

Тој согласно законот ги разгледа и на 22 ноември, лани, ги испрати до претседателот на Владата, Никола Груевски. Сеуште чекаме на изјаснувањето на Владата, рече д-р Ненад Коциќ од Вила зора.

„По два месеци, последните информации за писмото со граѓанските потписи, се дека стигнале во Владата каде чекаат да бидат разгледани. До кога и уште колку ќе чекаме навистина незнаеме. Ова е граѓанска иницијатива оја според законот имаме право да ја поднесеме и да бараме заштита за здравјето на сегашните и идни генерации во Македонија. За жал претчувствувам дека иницијативата наиде на опструкција и блокада но,морам  да кажам дека сум разочаран и загрижен за ваквиот однос на институциите кон граѓанскиот сектор,“ рече д-р Коциќ.

Иако реално остануваат уште само 20-тина дена претседателот на ЕД „Вила зора“ сеуште се надева дека Владата ќе ја разгледа иницијативата и ќе ги испочитува сто триесет и тројцата граѓани кои ставија потпис на документот.

Во колку тоа не се случи екологистите нема да се откажат туку ќе бараат вон институционален начин за реализација на иницијативата.

Тоа ќе значи дека ќе мора да започнат покомплицирана и подолга постапка за промена на законот наместо веќе отпочнатата во која за влез на иницијативата во собраниска процедура се потребни само 10 илјади потписи на граѓани.

Целта на екологистите е државата никогаш повеќе да не ја повтори грешката што ја направи во Велес кога дозволи да биде отворена Топилницата.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.