На конзервација уште седум икони од црквата „Свети Петар и Павле“ во Папрадиште!
Народниот музеј од Велес и Повардарската епархија последниве неколку години се обидуваат да заштитат што поголем број икони од црквите и манастирите во регионот на Повардарјето.
Уште седум икони од црквата „Свети Петар и Павле“ во селото Папрадиште на кои им е потребна итна конзервација ќе бидат испратени во Националниот конзерваторски центар во Скопје.
Конзервацијата ќе треба да се случи годинава штом конзерваторите завршат со заштитата на иконите кои лани од црквата им беа испратени.
Станува збор за вредно национално богатство кое со децении незаштитено стоело во црквата „Свети Петар и Павле“ и времето оставило трага врз него.
Од велешкиот музеј рекоа дека при крај била конзервацијата на иконите кои лани ги испратиле во Скопје.
„Со конзервацијата ќе ги спасиме иконите од забот на времето. И покрај тоа што иконите во велешко не се многу стари тие се дел од нашата македонска историја и култура. Ако сакаме тоа богатство да го зачуваме мораме и понатаму да работиме на неговата заштита,“, рече Елица Николовска од Народниот музеј во Велес.
Дел од иконите ги нацрта еден од последните македонски зографи, Димитрија Андонов Папрадишки. Тие со децении стоеле во несоодветни услови на дрвениот чардак во црквата изградена од најголемиот македонски градител и неимар Андреја Дамјанов.
Кустосите во велешкиот музеј штом ги открија побараа а министерството за култура лани обезбеди сретства за заштита на седум икони.
И годинава се обезбедени пари за конзервација на нови седум.
Народниот музеј и Епархијата Повардарска направија првична проценка според која само во седумдесетина цркви и дваесетина манастири во велешко има околу 1.500 икони.
Најстарите фрески и икони се наоѓаат во манастирот „Свети Димитрија“, кај Велес изграден во првата половина на 14 век додека во другите цркви и манастири иконите потекнуваат од 19 век.
Дел од нив се нацртани од најпознатите македонски зографи.
Најчестите оштетувања на иконите ги предизвикува влагата што се појавува во верските објекти.