Пресврт во случајот платено убиство на старец од Ореше!
Екс заштитениот сведок целосно го смени досегашниот исказ за кој рече дека е лажен и даден под закана од инспектори на ДБК.
Се што кажав до сега, излажав. Вака денеска сведочеше досегашниот заштитен сведок Бреза, а од денес под сопствен идентитет, Златко Арсовски. На главниот претрес тој обелодени дека изјавата против обвинетите му ја дал еден од сведоците кој сам ја напишан на лист хартија, а по налог на инспектор од ДБК. Морал ова да го стори бидејќи му се заканувале нему и на неговото семејство. Му ветувале дека ако лажно сведочи ќе добие живот во странство, пари, стан, вработување.
„Ништо од она што ветија не го исполнија, јас наместо заштитен сведок станав заложник. Не сакав повеќе да лажам не можев да издржам и поради ова решив да ја кажам вистината“, рече Арсовски.
Тој понудата да биде лажен сведок ја добил додека отслужувал притвор во затворот во Шутка. Инспекторот заедно со Вељо Арсовски кој е зет на убиениот го посетувале без проблем во затвор. Првен му се заканувале, а после шест месеци закани ја прифатил лажната изјава која сами му ја напишале. За ова добивал привилегии, со знаење на директорката го носеле во Ореше, а додека бил во Прилеп во затвор, го испратиле на одмор со жена му. Месечно му давале сто евра, а му ветиле и дека ќе го иселат во странство. Целта според него им било да ги наместат обвинетите и како што рече конечно да го затворат случајот.
Според одбраната случајот одамана е контроверзен и монтиран.
„Длабоко треба да се преиспита правосудниот систем и заедно поранешниот обвинител кој прв го дозволи овој заштитен сведок, одделението за заштитени сведоци и да се преиспита работењето на судечкиот судија и советот, затоа што после ова излегува дека сите до еден се заканувале на заштитениот сведок и го монтирале процесот“, рече Ѕвонко Давидовиќ, адвокат.
За нарачател на убиството на Лазо Милошевски е обвинет Ѓоре Петревски, а извршители браќата Ордан и Љупчо Ѓорѓиевски. Сметаат дека инспектори од ДБК ги местат бидејќи им се осветуваат оти едниот од браќата како вработен во МВР открил дека се вмешани во тежок криминал.
„Ме наместија мене за ова дело, имињата им ги знам двајца се од Велес, а четворица од Скопје. Нема да ги кажам сега туку на следното рочиште кога сите ќе дознаат кои инспектори од МВР земаат рекет“, вели Љупчо Ѓорѓиевски, обвинет.
Инаку процесот започна пред 8 години, обвинетите браќа одлежаа две години во притвор, а во меѓувреме беа и осудени на затворски казни, но скопскиот апелациски суд го враќаше предметот од почеток. Обвинетиот Петревски пак веќе три години е во притвор, две во САД и уште една по екстрадцијата во земјава. Неговиот бранител побара куќен притвор поради новите околности во случајот. Тој ќе продолжи за десет дена.