Димче Тодоровски ќе стопанисува со кафеаната во спортската сала!
Јавното претпријатие Парк спорт после третиот оглас најде закупувач за просторот кој не работи повеќе од 15 години.
Во наредните три години велешанецот Димче Тодоровски ќе работи со кафеаната во спортската сала. Неговата понуда е избрана за најповолна на јавниот оглас. Тодоровски планира да го преадаптира просторот кој нема да биде класична кафеана иако во него ќе се служат храна и пијалоци.
„ Нема да биде класичен тип на кафеана, ќе има измени во функционирањето, а целта ни е да ги привлечеме спортистите и рекреативците кои доаѓаат да спортуваат тука. Жално е еден вака голем комплекс да нема место каде ќе се собираат рекреативците. Се работи интензивно, се менува канализацијата, струјата, водовод и се надевам дека до крајот на месецот ќе ја отвориме“, рече Тодоровски.
Просторот е со површина од 95 метри квадратни, а Тодоровски го земал за 1,5 едвро од квадрат. Ќе наликува на кафетерија во која ќе има и поголема просторија за состаноци. Во неа ќе се влегува од дискотеката Ноктурно, а ќе има и внатрешен влез од салата. Инаку ќе работи до 1 часот после полноќ. Раководството на јавното претпријатие е задоволно. Целта не било да се профитира многу туку да се надополни спортскиот комплекс со ресторански простор.
„Она што не радува е што закупувачот се вклопува во приказната и идејата на претпријатието, да не е класична кафеана туку кафетерија која ќе привлекува луѓе од најразлични категории и возрасти. Поточно сите оние кои тренираат или се спортски рекреативци тука да добијат пријатно место за дружење. Мислам дека на добра основа е поставена идејата, императивот не е да остваруваме голема добивка туку да го вратиме сјајот на објектот“, рече Александар Табаков, директор на Парк спорт.
Засега кафетеријата нема име. Сопственикот размислува во иднина да проработат и терасите, но сеуште не ги открива конкретните планови.