Само средовечни жени имаат време за бизнис во земјава!
До поразителни податоци дошле здруженијата кои ги истражувале можностите на младите жени да станат претприемници.
Застрашувачка е состојбата со бизнис амбиентот за младите жени во земјава, тврдат од хрватското здружение за полова еднаквост.
Овој тренд е речиси еднаков во сите земји од Балканот, но тврдат дека мора да се промени.
За ова според нив е потребна политичка воља и поддршка.
„Најголем проблем се традиционалните сфаќања кои ги увидовме на терен. Тука се смета дека младата жена треба да се посвети на семејството и додека децата не пораснат таа не може да почне свој бизнис, бидејќи во спротивно се смета дека ќе ги запостави своите домашни обврски на сметка на бизнисот. Ова сфаќање го има и во семејствата и во општеството. Ние кога го подготвувавме проектот работевме со фокус групи и увидовме дека има расположение за биснис кај младите Македонки, но тие треба да се супер жени за да успеат во вакви услови. Ако не им останува после 50 – та година од својот живот да почнат бизнис“, рече Мериен Рукавина Ципетич, директор на Центар за полова еднаквост од Загреб.
Со поддршка на повеќе здруженија од земјава преку реализација на активности ќе се буди свеста и кај младите жени, но и кај државните институции кои можат да помогнат во подобрување на политичката и општествената клима.
Целта е да се создадат услови за финансиско помагање на заинтересираните жени.
„Ние дојдовме до поразителни податоци според кои млада жена не би можела да се занимава со бизнис бидејќи нема социјална поддршка. Таа мора сама да ги одгледува децата ако нема сервис кој ќе и помага. Најголемиот проблем кој го лоциравме и сакаме да го промениме е менталитето во земјата во кој сфаќањата се дека жената треба да седи дома и да ја оддржува фамилијата. Сакаме на жената да и ги дадеме истите права кои ги има и мажот, истите можности кои ги имаат мажите по заврувањето на школувањето“, рече Валентина Дисковска, Здружение на бизнис жени.
Она што е главно во овој проект е јакнење на женско претприемништво, а корист од тоа ќе има и општината вели градоначалникот кој присуствува на дводневната работилница за промоција на проектот.
„Ќе помогнеме да се направи повисоко ниво на координација на сите фактори кои помагаат, а крајната цел е поголема улога на жената во претприемништвото.Сметам дека се потребни вакви проекти бидејќи се разменуваат искуства од повеќе држави и свеста се поткрева на повисоко ниво. За општината е значајно да имаме што повеќе успешни жени кои се занимаваат со бизнис и тие се наши рамноправни партенри“, рече Горан Петров, градоначалник на Велес.
Инаку состојбата со биснис климата за младите жени е еднаква речиси во сите девет земји во кои се вршеле истражувања.
Здруженијата за полова еднаквост првен ќе собираат податоци и создаваат дата бази за веќе постоечките фирми со кои раководат жени, а потоа ќе се обидат да им помогнат во развивањето на својот бизнис./Б.Н