Извисени и вработените и тутунарите кои го продадоа тутунот во Велес Табак?!
Денеска работниците мирно протестираа, ги повикаа и тутунарите на помош. Директорката со закани за откази.
Откупот заврши, тутунот се продаде, пари за плати нема, обвинуваат вработените во Велес Tабак. Денеска пред капијата на фирмата протестираа бидејќи не земале плата осум месеци. Го повикаа раководството да не се крие. Ветувало дека на сметка на фирмата ќе легнат пари од поврат на ДДВ, но деновиве стигнало известување дека долговите се поголеми отколку сумата која треба да се земе. Сега стравуваат дека нема да си ја наплатат работничката мака.
„Јас работам за седуммина, а не сум земал плата долго време. Да бев во Германија ќе земав за седум вработени. Но, тука е катастрофа, откупот заврши, тутунот се продаде, а пари за нас нема“, вели Ѕвонко Коцевски, работник.
„Многу е тешко да се седи дома, мене на пример синот ме издржува. Стара сум веќе, работам триесет гдини, не заминав технолошки вишок бидејќи кој би ме примил мене сега на работа“, рече Летка Палашева, работник.
Раководството вчера ветило дека денеска ќе објасни во каква состојба е фирмата, но не се појави пред работниците. Директорката Лујза Јанева не беше достапна. По нашето заминување работниците тврдат телефонски им се заканувала со кривични пријави и откази. За состојбата во која се наоѓаат, синдикатот веќе ги известил и државните институции, но помош не добил.
„Кој да ни помогне ако не институциите, ги известивме и УЈП и агенцијата за вработување, ни рекоа ќе направиме записник ама не можеме да ви помогнеме. Како може тоа кога фирмата не платила придонеси за осум месеци. Што да чекаме од нашите таканаречени директори“, рече Гоце Марковски, претседател на синдикат.
Инаку Велес Табак со 93 годишното работење е најстар откупен и преработувачки тутунски центар кој остваруваше големи профити. Пред околу седум години започнаа проблемите велат работниците, и од тогаш фирмата тоне. Од 300 останати се уште триесетина работници, додека дел од оние што заминале технолошки вишок велат било присилно и не земале ниту отпремнини. Поради неплатен кредит пак Стопанска банка веќе го зема тутунот кој е складиран во магацините. Ги повикаа и тутунарите на кој не им е платен тутунот во наредните денови да им се придружат./Б.Н