Делницата Катланово – Велес опасна поради одрони?!
Безбедна ли е делницата Катланово – Велес на автопатот Александар Велики откако во изминатите две години целосно се санираше.
Поставените заштитни мрежи на карпите под кои мине патот не го сопреа вчерашниот голем одрон.
Тој е причина што вчера попладне целосно беше парализиран сообраќајот.
Среќа во несреќа е што таму во моментот немало возила и патници.
Денеска по патот се одвиваше сообраќај но по една коловозна лента бидејќи на втората работеа работниците на Македонија пат.
Багерите правеа пауза на секој триесет минути кога се пропуштаа возилата од долгата колона. Додека чекаа возачите и патниците ја коментираа ситуацијата со одроните на патот.
„Нема никаков преглед кога на патов се престигнува, на втората лента.Треба да се обрне внимание на тоа“
„На секој поголем дожд овде има одрони. За џабе санираат“
„Не знаеш во кој момент што може да се случи. Јас почесто поминувам тука, ситни одрони има постојано и мислам дека треба поголем ангажман од Македонија пат„
Најголем дел од 28 метри долгиот пат, од Катланово до Велес, минува покрај карпи и големи ридови од земја. На дел од патот во свиоците има надвиснати грамади од карпи.
Скоро сите се покриени со нови заштитни мрежи но на местото на одронот се покажа дека мрежата не успеа да го запре лизгањето на земјиштето.
Од јавното претпријатие „Македонија пат“ велат дека секојдневно биле на терен и ги расчистувале сите помали и поголеми камења штом ќе се излизгале на афалтот.
Вчера интервенцијата ја започнале веднаш но успеале до ноќта да исчистат само дел од петте илјади метри кубни камења и земја.
„Треба да се вози внимателно по патот. Таков е периодот деновиве има многу врнежи, подмрзнување, карпите работат и во секој момент може се да се случи. Тоа е веќе божја работа наше е да го одржуваме патот и навреме да стигнеме на сите места. Се трудиме максимално да одговориме на задачите,“ рекоа од Македонија пат.
Неколку поголеми одрони во изминатите години се случија токму на оваа делница.
Најопасно беше кога карпа голема колку автомобил падна врз цистерна, која за малку не заврши во бездна.
За срeќа жртви до сега немало, но делницата и понатаму останува на црните листи како небезбедна за сообраќај./Б.Н