Пожарот во куќата на соседот му го направи пеколен животот на седумдесет годишен старец!
Велешанецот Димче Јованов со солзи во очите раскажува дека стравува да нему се урне куќата врз глава поради влагата која ги изеде ѕидовите.
Живеам во кошмар. Со овие зборови не пречека старецот во неговиот дом на улицата Прохор Пчински бр.41. Во воздухот се чувствува мирис на мувла, куќата личи на руина, а од четири соби само една е прикрпена за да може да се живее во неа. Мебелот се скапал од влагата која Јованов вели дека се појавила после пожарот кој се случил пред три години во соседната куќа.
„Три години по десет пати годишно одам во општината со барање да се исчисти соседниот двор од остатоците од пожарот. Поради тоа ми се појави влага во мојот дом, а никој ништо не презема. Сопственикот не живее тука, а локалните власти постојано му пуштаат само барање за расчистување. Тој доаѓа, подзачистува и си заминува, но тоа не е решение. Ако може некој да живее во ваков дом нека повели“, низ солзи вели Јованов.
Го упатиле да бара оштета од сопственикот на изгорената куќа, но пари за адвокати нема. Со осум илјади денари пензија, вели не можам ниту да помислам да ја реновирам куќата.
„Сами сме со бабата, децата ни се во странство. Се разболевме од мувла, коските не болат од влагата. Ако може општината некако да ми помогне, да дојдат да го исчистат сметот кој остана од пожарот или пак некој добар човек да помогне. До пред пожарот влага немаше по ѕидовите, сега таа ми изеде се што имам од пред сто години“, вели Јованов.
И утрово службеници од Општина Велес дошле на терен, ја виделе состојбата и заминале. Јованов пак стравува дека поради неажурноста на властите и неговата немоќ градежниот шут ќе му се урне во дворот. Како доказ за тоа ја посочува случката од пред десет дена кога цел ѕид од изгорената куќа се излизгал на сред улица, а чиста среќа било што немало никој во моментот кога се случил одронот.
\Б.Н.