Битолскиот воз удри човек, во критична состојба е на клиника во Скопје!
Во велешката населба Превалец воз удри човек. Седумдесет и три годишниот Атанас Димовски настрада кога поминувал преку железничкиот премин на пругата , во центарот на населбата, кој има звучна сигнализација но четири месеци е без рампи. Во Димовски удрил возот што сообраќал од Скопје за Битола.
Старецот веднаш бил префрлен во велешката болница каде е констатирана тешка повреда на главата која била загрозувачка по неговиот живот.
„Околу 18.30 часот на хирушкото одделение во Велес е донесен повреден повреден маж на седумдесет години. Повредата се состои од повреди на главата. Поради сериозноста на повредите пациентот е префрлен во Ургентниот хирушки центар во Скопје,“ рече Прим. д-р Филип Тодоровски специјалист по трауматологија.
Стравичната несреќа има очевидци. Прв помош на Димовски му дал Мухамет Ајдерпашиќ кој го запрел автомобилот пред пругата и истрчал на местото на несреќата.
„Го држев во раце човекот, целиот беше облеан во крв, го миев со вода се обидував да го одржам во живот додека не стигна брзата помош. Страшно се потресов но морав да му помогнам. Оваа состојба е жива катастрофа, не само овој премин јас сум од Горно Оризари значи и таму минеме преку отворена пруга, потоа пред и после Порцеланка значи на четири отворени премини и нигде рампи. Знаете ли колку луѓе минат секојдневно. Вкупно 20 илјади од Велес до Чашка, Богомила, Јасеново и сите тие по неколку пати минат на среќа преку оваа битолска пруга,“ рече Ајдарпашиќ.
Несреќата ги собра покрај пругата жителите на населбата Превалец.
Сите беа револтирани бидејќи тие четири месеци бараат а Македонски железници ги извадија рампите, го повлекоа чуварот и останаа на тврдењето дека безбедноста е доволна со семафор трепкач и звучен сигнал.
„За две до три секунди возот доаѓа од тунелот до железничкиот премин. Значи нема време за реакција ако не го видите возот а како да го видите кога пругата е со кривина и уште задскриена со брег. Четири месеци се убедуваме со Македонски железници, им кажуваме дека не е безбедно, дека ни е страв децата на училиште да ги пуштиме и ништо. Затоа вечерва остануваме овде и бараме да дојдат првите луѓе на Македонски железници и министерот Миле Јанакиевски и да ставиме крај на нашите маки. Ако не ќе го блокираме преминот,“ рече револтиран жител на Превалец
„Човекот се вика Атанас Димовски и живее тука до пругата. Оди со бастумче а имаше и излив па тешко се движи. Мора да го решиме ова вака не бива веќе,“ рече жител на Превалец.
Според нив звучната и светлосната сигнализација честопати затајувала па возачите и пешаците биле доведувани во ризик.
Затоа се заканија со блокада на железничкиот и патничкиот сообраќај.
Ова не е прва несреќа на овој премин. На крајот од минатата година воз удри во југо, а возачот едвај успеа да спаси жива глава./Б.Н