Во велешкиот суд никако да започне судењето за запалената амбуланта и продавница во село Ореше
И денеска се одложи главниот претрес оти не се појави обвинетиот. Блаже Ѓурчиновски. Тој, во овој процес, е обвинет заедно со Ѓоре Петровски кој се појавува и како прво обвинет во случајот платено убиство во село Ореше. Во суднивата присутна беше оштетената Трајанка Кузмановска, сопственичка на запалената селска продавница.
Ѓурчиновски бил болен и не дојде. Ги немаше и сведоците во судската постапка. Судијката Габриела Гајдова ги предупреди обвинетите дека ако не се појават на следниот претрес закажан за 29 мај, годинава, ќе бидат насилно приведени или ќе заработат мерка притвор.
Судскиот процес за овој случај започна пред една година. Иако досега имаше закажано седум рочишта судењето не може да почне, бидејќи секогаш недостасувал некој од обвинетите или сведоците.
Инаку адвокатот на обвинетиот за палење на селската амбуланта во селото Ореше,Ѓоре Петровски, кој е обвинет и за платеното убиство во Ореше минатиот месец побара од судот во Велес да ги спои двете дела во еден процес заради ефикасност на постапката, но велешкиот суд го одби барањето./Д.С
