Освојувањето на Монт Еверест, најголема авантура на алпинистот Борче Јовчевски

Објавено на 3 јуни, 2014 во 13:56

И по дваесет и пет години, велешанецот Борче Јовчевски со страст раскажува за неговата најголема авантура, освојувањето на највисокиот врв Монт Еверест. Точно пред четврт век тој заедно со македонската алпинистичка експедиција, четириесет дена се искачувале на врвот висок 8.848 метри над морето. Убавите и помалку убавите спомени кој ги носи од оваа авантура Борче ќе ги памети за цел живот.

Познатиот македонски алпинист раскажува како останал помеѓу третиот и четвртиот логор поради премрзнување на нозете, да ги чека останатите членови на екипажот. Но токму неговото останување таму им го спасил животот на оние кои се искачиле до врвот. Свеќата што горела во неговиот шатор им го покажала патот и им го спасила животот.

„Јас останав на четвртиот висински логор бидејќи ми замрзнаа прстите на нозете па морав бавно да се движам. Среќен сум што сепак успеав и толку и што свеќата во шаторот што ми гореше им го спаси животот на моите колеги, бидејќи два чекора погрешни и се ќе беше готово, раскажува Борче.

Четиричлениот состав на експедицијата не успеал комплетно да се врати, бидејќи на симнувањето од врвот животот го загубил Димитар Илиевски Мурато. Според Јовчевски симнувањето бил потешкиот дел од овој екстремен спорт.

„Испаѓа дека многу е потешко симнувањето од искачувањето и освојувањето на врвот. Ретко се случило некој да загине додека се искачува, најчесто тоа се случува на враќање, рече Јовчевски.

По оваа авантура уште бројни спортисти и алпинисти се искачија и го освоија Монт Еверест. Но Борче вели дека се е полесно сега кога веќе се трасирани патеките до врвот, за разлика од тогаш, кога тие сами требало да се снаоѓаат и да внимаваат каде одат.

„На сегашниве алпинисти се им прават агенциите односно организаторите на екпедициите, им поставуваат патреки, шатори, храна, боци со кислород и така ги искачуваат, вели Борче.

Во знак на благодарност, сеќавање и херојски подвиг, македонската алпинистичка екпедиција денеска ја доби наградата „Цепин“./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.