Кадети од Америка волонтираа на изградбата на зграда во населбата на Хабитат (ФОТО)
Андреа Меткалф, тим лидер на Кадети од Америка, беше само една од дваесет и петмината доброволци кои денеска учествуваа во еднодневна волонтерска акција за помош во изградбата на населбата Хабитат во Велес. Тие истовараа тули, ги качуваа на последниот кат, ги ѕидаа околните ѕидови и ги дупчеа карпите околу зградата во изградба со 12-сет нови станови, кои наскоро ќе овозможат пристојно и достапно домување на велешките семејства со ниски приходи.
Андреа објасни дека таа и останатите Кадети дошле во Македонија на повеќенеделен работен престој. Одлуката за волонтирање ја донеле веднаш откако до нив стигнала информацијата дека Хабитат гради згради за поквалитетно домување на граѓаните во Македонија. Волонтаризмот е составен дел на животот на граѓаните во Америка и затоа тие сопственото искуство го пренесуваат од родната во земјите кои ги посетуваат ширум светот.
„ Ние сакаме да се инволвираме во заедницата и да помогнеме, тоа е вообичаено за нас и учениците или студентите тоа го прават многу често. Самите Универзитети во Соединетите американски држави имаат барања за волонтерски денови во заедницата. На тој начин се гради посилна и поцврста заедница која на младите луѓе им помага да изградат појака мрежа,“ рече Андреа.
Таа и Кадетите се за прв пат во Македонија. Сите велат дека земјата е многу убава со пријателски расположени граѓани. Ваквиот впечаток ќе ги мотивира повторно да посакаат да ја посетат. Затоа денеска неуморно работеја и посакаа да остават убав впечаток за земјата од каде тие доаѓаат, Соединетите Американски Држави.
„Ние сме вкупно 25 луѓе, значи 22 Кадети и тројца нивни претпоставени од различни Универзитети во повеќе земји на САД. И за нас е ова тим билдинг активност бидејќи токму тука и ние се здружуваме во тим и стекнуваме едно ново културолошко искуство, рече Андреа. Таа во Македонија дојде од Вермонт.
На Андреа и Кадетите благодарност за нивната помош им изразија и две од семејствата што ќе домуваат во населбата Хабитат во Велес кои помагаа во градежните работи на своите нови домови.
Во досегашната изградба на 36 станови во четирите станбени згради во Велес учествуваа повеќе од илјада волонтери, кои пристигнаа во Македонија од целиот свет, со цел да помогнат во изградбата. Секако денешната група нема да биде последна велат од Хабитат Македонија. Тие се задоволни што за волонтирањето, како практика, сѐ повеќе се интересираат и локални институции, компании и студенти, па може да се очекува во населбата на Хабитат Македонија почесто да се сретнуваат и волонтери од Македонија.
