Падна врба на кејот на Вардар, кај Мало Мовче
Дрвото паднало ноќеска но не предизвика штета и не повреди граѓани. Глетката ги затекна утринава граѓаните кои живеат во овој дел на центарот на Велес. Стеблото е старо неколку децении и без разлика што досега не покажа знаци на опасност тоа попушти и одеднаш се струполи.
Велешани кои денеска поминуваа по патеката кон Мало мовче ја гледаа паднатата врба. Некои се доближуваа и го набљудуваа стеблото на дрвото за потоа да коментираат дека тоа не попуштило од старост. Според нив преголемата влага во почвата е причина што врбата повеќе нема да биде дел од дрворедите во Велес. Други граѓани сепак сметаат дека било нападнато од црвојаднина.
Која е причината за паднатата врба, прашавме во јавното комунално претпријатие „Дервен“. Од таму рекоа дека ќе излезат да видат а потоа ќе дадат мислење./Д.С
