Градоначалникот на Јосиф, Јоаким и Дамјан им подари детски автомобили а родителите Наташа и Јордан Ѓаковски парична помош
Јосиф, Јоаким и Дамјан добро напредуваат. За нив се грижат сите, среќните мајка Наташа и татко Јордан Ѓаковски, две баби и двајца дедовци. Среќата во семејството е огромна бидејќи малите бебиња се долго чекани, скоро девет години. Сега во домот има распоред на помагатели кои се дополнителна помош на мајката Наташа. Таа е задоволна од секојдневната помош на патронажната медицинска сестра која ги капе, пресоблекува и заедно ги хранат бебињата. Околу успивањето и хранењето помагаат и двете баби на Јосиф, Јоаким и Дамјан. Во семејниот натпревар на помошници учествуваат и дедовците.
Градоначалникот Славчо Чадиев, денеска, ги посети тројцата нови жители на Велес. Тие од општината ги добија првите машки играчки, автомобили а нивните родители парична помош од 30 илјади денари.
„Им посакувам долг живот исполнет со многу радост и среќни моменти. Сакам на родителите да им честитам, да им посакам среќни денови исполнети со овие три прекрасни деца, кои треба да им бидат уште поголем поттик во понатамошниот живот. Задоволство ми е што децата се во добра состојба. Овие денови кога во Велес се случуваат низа убави работи, ова беше уште една случка која беше врв на сите пријатни доживувања. На многу места низ чаршијата со радост се зборува за овој настан,” рече Чадиев.
Градоначалникот кога им честиташе на Наташа и Јордан им поска и четврто дете во нивното семејство. Тоа со особено задоволство го прифати таткото Јордан.
„Задоволството е огромно. Ова е наша прва рожба. На градоначалникот, но и самиот себеси си ветив дека четрвтото дете ќе биде ќерка,” рече Јордан.
Јосиф, Јоаком и Дамјан се родени на 13 јуни , годинава. Овој ден е најсреќен засега во животот на семејството Ѓаковски. Ако се оствари благословот на градоначалникот Чадиев тогаш тие се во очекување на уште еден ваков ден во кој покрај трите сина во домот ќе треба да им влезе и една ќерка./Д.С
