Конечно, Црквино пред изградба на водовод, жителите на селото бараат и бетонски улици
Без чиста вода за пиење живеат жителите од велешкото село Црквино. Недостигот од квалитетна вода е најгорливиот проблем за нив. Со вода се снабдуваат од сопствените пумпи, но таа е загадена, па велат среќа е што никој од нив досега немал посериозни здравствени проблеми. Но има и такви кои не можеле да инвестираат и да си направат бунар, па со вода се снаоѓале од селската чешма со кофи, шишиња и буриња.
„Вода имаме од сопствената пумпа, ископав, направив и наместив за да имаме вода, ама таа е загадена, не е бактериолошки исправна. Но што да се прави и тоа е подобро од ништо“, рече жител.
„Вода имаме од пумпите, ама има и такви кои немаат и се снаоѓаат со вода како знаат и умеат. Но што ако имаме кога е загадена, среќа што досега никој не се разболел поради водата, едноставно се навикнавме на неа, рече жител.
Деценискиот проблем на црквинчани конечно станува минато. Локалната самоуправа реши да им гради водоснабдителен систем кој за помалку од една година ќе стане реалност. Со него речиси четиристотини жители ќе добијат чиста вода за пиење.
„Денеска сме дојдени во селото за да го означиме почетокот на изградбата на водоводот. Сметам дека ова село заслужува да добие таковсистем,а потоа ќе се пристапи и кон инфраструктурно уредување“, рече градоначалникот Славчо Чадиев.
Цевководот во село Црквино ќе биде долг околу три километри. Поради ридестиот терен на селото водоснабдувањето ќе се подели на ниска и висока зона. До селото водата ќе стигнува од изворот до собирниот резервоар и препумпна станица.
„Ова село е едно од ретките во кој работите се постаени правилно. Тука веќе има канализација ,а сега ќе се намести и одовод ,што не е чест случај“, рече Љупчо Ѓорѓиев од претпријатието изведувач на градежните работи.
Изградбата на водоснабдителниот систем во Црквино ќе чини над сто илјади евра. Општината парите ги обезбеди преку проектот на Владата за водоснабдување и одведување на отпадни води во рурални средини. Црквинчани сега очекуваат да почне и изградбата на селските улици./Д.С
