Паркингот зјае празен, возилата на велешани паркирани на улица
Стотина возила можат секој ден да се паркираат на новоизградениот паркинг покрај брегот на Вардар над автобуската станица. Но, велешани не паркираат таму туку возилата ги оставаат покрај тротоарот на Бирото за вработување, пред зградата на факултетите и пред куќите на граѓаните дури до зградата на поранешниот хотел „Вила Зора“. И покрај тоа што паркингот е бесплатен иста е сликата и на спротивната страна на улицата „Петре Прличко“ кон централниот градски пазар. Колона од возила се паркирани покрај тротоарите и преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот.
„Така е секој ден,тоа се возила на граѓани кои патуваат на работа кон Скопје. Тие најверојатно брзаат и не ги внесуваат автомобилите на паркингот,“ велат таксистите од локалните компании кои чекаат патници на автобуската станица.
Тие од една страна се обидоа да ги оправдаат сопствениците на автомобили а од друга страна се жалеа дека им е тешко да си обезбедат простор за паркирање на такси возилата. Со поинаков став беа неколкумина повозрасни граѓани кои чекаа автобус на станицата. Според нив станува збор за навика која не се искоренува така лесно. Тие сметаат дека единствено задолжителното почитување на сообраќајниот пропис и казните ќе ја сменат сликата во градот.
„Ако на друго место во градот има потешкотии со паркирањето затоа што нема доволен број на паркинг места тогаш овде, каде што има, треба да се користат. Има и табла со која е означен паркингот и тука и кај Стар мост како новоизградени а улицава е полна со паркирани возила. Значи треба контрола од полицијата и казни за да се воведе ред,“ рече велешанец.
„Да не имало утринава гужва а сега се расчистила па затоа е празен паркингот. Јас ретко патувам и незнам ама треба да им се верува на таксистите кои постојано се тука и најдобро знаат. Навистина неразбирам зошто не се користи кога веќе е изграден и е бесплатен,“ рече велешанка.
Освен овој општината изгради и паркинг простор за четириесеттина возила веднаш до Стар мост. Тој се користи во пазарните денови додека во останатиот дел на неделата е постојано празен./Д.С
