Велешанец за да направи услуга, останал без тракторот со кој вадел за корка леб

Објавено на 17 септември, 2014 во 12:13

Педесет и пет годишниот Трајче Димов од Велес не ни помислувал дека тоа дождливо утро, пред два и пол месеци, ќе му го смени животот. Се нафатил со тракторот да му ги пренесе дрвата на еден човек и да заработи некој денар за своето семејство.

Но не поминал ниту петстотини метри, го запрела  шумската полиција, му побарала дозвола за пренесување на дрвата. Трајче се изненадил бидејќи претходно го прашал човекот дали дрвата што ќе му ги пренесе се легални. Откако добил позитивен одговор, се нафатил и тргнал со тракторот и натоварените дрва. Но не било ксмет да ги однесе до крајната дестинација, заедно со дрвата, шумската полиција му го заробила и тракторот.

„Не ми е јасно што стана. Прв пат ми се случи вакво нешто. Ни самиот не знам како стигнав до шумската полиција. Сега не знам што да правам, бидејќи со тракторчето колку толку заработував за леб откако ме напуштија од работа. Сега треба да одам по контејнери, немам друго, рече Димов.

Да биде маката уште поголема, тракторот со кој Трајче цели 15 години заработувал корка леб за своето семејство, не бил негов. Му го дал роднина, да го користи  за како што рече да не скита по улиците.и да заработува по некој денар.  Сега тој остана и без егзистенција и без туѓиот трактор кој треба да му го врати на роднината. Трајче вели дека тогаш прв пат  се нафатил да пренесува огревно дрво, дотогаш со тракторот заработувал пари орајќи по нивите. Вели дека наивно настрадал од човек кој добро изманипулирал со него.

„Не ми е јасно, како човекот на кој требаше да му ги пренесам дрвата досега пренесе четириесет кубика огревно дрво, а мене ми го заробија тракторчето. Му реков да ми помогне да ми даде пари, но ми рече дека кога ќе ги продаде дрвата. Ниту пак се обиде да ми помогне да го вратам тракторот. Дома имам сопруга и малолетна ќерка не знам што ќе правам без пари. Ова е катастрофа, рече Димов.

Сега Трајче правдата ќе ја бара на суд. Се надева дека судиите ќе пресудат во негова корист и ќе му го вратат тракторот со кој единствено заработувал пари за себе и за своето семејство./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.