Кривична пријава за измамник со огревно дрво

Објавено на 2 октомври, 2014 во 09:36

За измама со дрва е осомничен педесетгодишниот Б.У од велешкото село Раштани. Полицијата му поднесе кривична пријава поради сомневање дека лани од февруари до јуни довел во заблуда  тројца граѓани со ветување дека за 2.000 денари ќе им набави метар кубен дабово огревно дрво и од нив земал вкупно 26.000 денари.

„ Така, во месец февруари 2013 година од оштетениот Б.С. успеал да земе 70 евра, а потоа и уште 2000 денари,  со ветување дека до месец јуни 2013 година дрвата ќе му бидат донесени. Во вториот случај, на оштетената Н.И., на почеток на месец февруари 2013 година и ветил дека ќе и обезбеди 6м3 дабови огревни дрва за сума од 2000 денари за 1м3, за што истата веднаш му платила 7000 денари, со договор , останатите 5000 денари да му ги плати откако ќе и ги достави дрвата, односно, до крајот на месец февруари. Наместо да го исполни ветеното, пријавениот во текот на месец Март успеал да ги земе и останатите 5000 денари од оштетената , со изговор дека итно му требале и со ветување дека во најскоро време дрвата ќе и бидат донесени. Во текот на месец јуни 2013 година пријавениот му понудил и на третото оштетено лице С.В. да му донесе 4м3 дабови огревни дрва за истата цена, за што оштетениот однапред му платил 4000 денари, а по кратко време му ги платил и останатите 4000 денари“ рече портпаролот на СВР Велес, Анита Стојковска.

Според полицијата пријавениот    до денес не ги исполнил ветувањата и не им  испорачал дрва на оштетените граѓани./ Д.С.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.