Во јули, годинава велешки „Дервен“ ќе треба да ја плати последната рата од МЕАП кредитот
Близу три милиони евра, пари од МЕАП кредитот, се вложени во целокупната комунална инфраструктура на градот. Со нив седум години, започнувајќи во 2001 година, се модернизираше водоводната и канализациона мрежа, се заменија старите со нови цевки кои доведоа до значително намалување на загубите на вода. Се реши проблемот со недостаток на вода во повисоките периферни делови во Велес со изградба на дополнителни резервоари, се подобри квалитетот на водата за пиење со изградба на таложник во филтерната станица, се постави СКАДА систем за автоматски мониторинг на нивото на водата во резервоарите и уште многу други активности и проекти. Но, исто така, кредитот беше причината за покачувањето на цената на водата од 2001-ва година па наваму. Тоа беше услов што го постави Европската банка за обнова и развој за да го одобри кредитот, бидејќи само така можел да се отплаќа, велат од „Дервен“.
„Во 2001 година, цената на водата за пиење за домаќинствата беше покачена од 24,30 ден за метар кубен на 30,40денари, а за правни лица од 48.20 ден за метар кубен на 60,25 денари. Оттогаш, и покрај зголемувањето на цените на електричната енергија, гориво и материјалите за работа, како и цената на суровата вода што ЈКП Дервен ја плаќа на ЈПВ Лисиче, цената на водата за пиење што се дистрибуира до граѓаните ниту еднаш не е покачена, за разлика од многуте градови во републиката каде водата за пиење е многу поскапа отколку во Велес“, рече портпаролката на ЈКП „Дервен Тодорка Андреева.
Ратите од МЕАП кредитот, јавното комунално претпријатие, ги исплаќа два пати годишно или вкупно на дваесет и една рата. Последната рата претпријатието треба да ја плати во јули годинава. Инаку проектот МЕАП се реализираше во периодот од 2001 до 2008 година. Од вкупно три и пол милиони евра, колку што ЕБОР одобри, Дервен искористи 2.849 000 евра./Д.С
