Се почитуваат или не се почитуваат мерките против „Ковид 19“ во 30 населени места на Општина Велес
11.04.2020
Не сите граѓани во населените места на Општина Велес ги почитуваат мерките за заштита од коронавирус. Таму не се носат заштитни маски и нараквици, во продавниците кои најчесто се места за собирање се играат друштвени игри додека се пие кафе или алкохол, се пазарува без да се направи дистанца од најмалку еден метар. Ова го тврдат дел од доставувачите на прехрамбени производи, леб, млеко, сокови и алкохолни пијалоци.
Дел од нив биле секојдневни сведоци на ситуацијата која ни од далеку не изгледала како во градот каде и покрај прекршувањата сепак продавачите инсистираат а граѓаните се придржуваат на донесените мерки од страна на владата.
Дали на дневна основа се собираат и соопштуваат информации за состојбата со „Ковид 19“ во 30 населени места во општината на седниците на општинскиот Кризен штаб во поглед на примената на мерките за заштита, го прашавме на прес конференција градоначалникот Аце Коцевски?
– Да бидам искрен, немам многу информации за населените места. За градот сум добро информиран и јас редовно се уверувам. Редот се почитува однадвор но кога ќе влезете внатре во маркетите има многу луѓе кои не носат маски, се доближуваат едни до други, земаат од рафтовите производи и веројатно не се доволно свесни со што се доведуваат себе си и сопственото здравје и здравјето на своите најмили во опасност. За жал тоа сме ние, најверојатно е потребно повеќе време за да станеме посвесни за опасните последици кои ни криви ни должни можат да не снајдат поради невнимание, додаде Коцевски.
Сепак состојбата и во населените места во општината треба да биде набљудувана почесто велат вработените во велешките претпријатија за дистрибуција на прехрамбени производи на тамошните граѓани. Тоа го бараат пред се заради сопствена безбедност бидејќи сметаат дека тоа што тие биле заштитени со маски и нараквици не е гаранција за сериозна безбедност ако мораат да бидат туркани од купувачите при доставата на лебот, млекото и пијалоците како и од присуството на поголем број на граѓани кои наместо однадвор ред чекаат внатре во продавниците без да бидат дистанцирани на еден метар. Пиењето на кафе и пијалоци додека се играат друштвени игри во продавниците или раздвиженоста низ населените места не е воопшто за коментар, додаваат овие работници./У.Ј