Новoзаболени тројца или вкупно 58, еден сограѓанин пренесен во „8 Септември“ и една велешанка излекувана и пуштена дома
Објавено: 19 април, 2020, во 13:54 часот
19.04.2020
Во изминатите 24 часа од потврдените 37 нови случаи на „Ковид-19“ во Велес има тројца новозаболени сограѓани, соопшти министерството за здравство.
Две од трите лица во Велес, се роднини на еден од вработените во трговски објект во градот што вчера покажаа симтоми на инфективното заболување. Третиот велешанец е уште еден здравствен работник на Центарот за Јавно здравје. Така заклучно до денеска бројката на позитивни на инфективното заболување од оваа јавна здравствена институција се искачи на тројца. Од нив двајца се здравствени работници и еден е од администрацијата на институцијата.
Вчера преку соопштение Центарот за јавно здравје во Велес извести дека од вторник, 21 април 2020 година нема да работи. Сите вработени за време на празникот се во домашна изоолација. Во вторник ќе бидат тестирани. Кога јавната здравствена институција ќе продолжи со работа ќе се знае дополнително.
Во моментов, според портпаролката на ЈЗУ Општа болница Велес, д-р Весна Николова Неделковска, на инфективното одделение има 17 лежечки пациенти, една жена е излекувана и заминала дома по два последователно негативни резултати на тест но и еден сограѓанин што поради влошена здравствена состојба бил транспортиран во „8 Септември“ во Скопје.
-Станува збор за маж на 44 годишна возраст што имаше влошена клиничка слика и затоа е транспортиран во болница „8 Септември“. Исто така во изминатите 24 часа стигнати се резултати според кои 15 пациенти се потврдени дека се инфицирани со „Ковид 19“. Се чекаат резултати за уште двајца пациенти. Денескаинфективното одделение го напушти пациентка која е излекувана по два последователни негативни резултати на тест за „Ковид 19“, додаде д-р Николова Неделковска.
Со новите тројца новозаболени, бројката на заболени од „Ковид 19“ во Велес достигна 58./У.Ј


