Коцевски: Сите знаеме дека од саможртвата на сопствениот живот нема ништо поголемо што може еден револуционер или патриот да го даде за слободата на својата земја, на својот народ
28.04.2020
Го изградивме, во 2003 година, монументалниот споменик, Нов Мост во Велес го нарековме според нивното име Мост Гемиџии,спортската сала го носи името „Гемиџии“ и се обидуваме на различни начини да им оддадеме должна почит во име на минатите, сегашните и идните генерации на нивниот роден град, рече денеска, градоначалникот на Велес Аце Коцевски по положувањето на свежо цвеќе и поклонувањето на саможртвата на младите момчиња кои во периодот од 28 април до 1 мај 1903 година, со серија бомбашки напади во Солун, се обидоа да го свртат вниманието на Европа кон Македонија и македонското прашање. Во нивниот роден град поточно на повеќемината од нив, беше одбележана 117 годишнина од историскиот настан.
Тој ја предводеше делегацијата на Советот и Општина Велес која положи свежо цвеќе и се поклони пред споменикот на Гемиџиите во центарот на градот.
-Денес сме тука за да оддадеме должна почит во име на сегашните генерации на Општина Велес кои се едни од најзначајните личности во историјата на Велес и на нашата земја за да го одбележиме големиот настан кога тие храбро сакајќи да го привлечат вниманието на европската јавност која била неправедна кон Македонија и кон Македонците ги жртвуваа своите млади животи. Сите знаеме дека од саможртвата на сопствениот живот нема ништо поголемо што може еден револуционер или патриот да го даде за слободата на својата земја, на својот народ. Поради тоа со должно внимание се однесуваме кон големото дело на Гемиџиите, кои воглавно биле велешани со исклучок на Павел Шатев по потекло од Кратово и еден од Охрид, додаде Коцевски.
Гемиџиите, познати по нивната саможртва опишана со зборовите „Се арчиме за Македонија“, поточно повеќето биле интелектуалци, младинци на возраст од 18 до 22 години. Од Велес биле Јордан Поп Јорданов – Орцето, раководител на Кружокот, Димитар Мечев – Мечето, Константин Кирков, Илија Трчков, Владимир Пингов, Георги Богданов, Милан Арсов, Тодор Органџиев, Тодор Богданов, Илија Поп Орданов, Алексо Минов. Покрај нив, во Кружокот биле и Павел Шатев од Кратово и Марко Бошнаков од Охрид./У.Ј