Средношколци од Велес редовно читаат „ Washingtоn post“, покажа обука за медиумска писменост и борба против лажни вести
03.02.2021
Обуката беше интерактивна и покажа дека учениците и студентите имаат првични но не доволно добри вештини како да препознаат точна од лажна вест. Учесниците соопштија дека не се заинтересирани за информации со политичка содржина па затоа не ги следат националните македонски медиуми без разлика дали се традиционални или онлајн. На обуката изненади изјава на средношколци кои го читаат онлајн изданието на „Washingtоn post“.
-Тоа е така можеби затоа што во македонските медиуми можеме да видиме се поголема наклонетост, поголем број на лажни и несериозни вести па и не интересни вести за младите луѓе во Македонија и затоа најверојатно сакаат да се информираат од некои порелевантен извор, поточно изовр кој што не шири дезинформации. – рече Игор Стојков, еден од обучувачите.
Присутни на обуката беа и студенти кои гледаат вести на CNN и на BBC.
Затоа обуката понуди комплетно запознавање со основните новинарски правила на подготовка на професионална, точна и квалитетна информација, алатки за препознавање на лажни вести и особено примери на добри практики за информирање од релевантни извори.
-Научија да откриваат лажни вести, да препознаваат лажни фотографии, што се лажни вести и што е медиумска писменост со што се отвори и дискусија за медиумите и информирањето преку читање на точни вести. – додаде Стојков.
Целта на обуката меѓу другото е младите луѓе да го споделат искуството со нивни врсници и пријатели со што се очекува да биде поттикнат поголем интерес за медиумската писменост и борбата против лажните вести во локалната заедница. Тие да ги следат и домашните медиуми и отворено да говорат за сите информации што сметаат дека се обидуваат да ја искриват вистината во очите на јавноста користејќи аргументи и факти.
На двете интерактивни обуки учетвуваа вкупно 20 средношколци и студенти кои стекнаа почетни вештини за препознавање на лажни вести како и за заштита од дезинформации со кои се преплавени социјалните мрежи но ги има и во професионалните медиуми. Обуките се финансирани од Стејт Департмент на САД и ги спроведе обучен средношколец член на Клуб на млади на Фондација „Фокус“, преку YES програмата.
Убавка Јаневска