Од почетокот на пандемијата со Ковид-19 за близу 1.500 граѓани зголемен бројот на невработени во Општина Велес
18.02.2021
Бројот на невработени лица во Агенцијата за вработување во Велес се зголемил за 1.462 лица во изминатите 11 месеци. Тоа го покажува евиденцијата на државната институција која во месечни прегледи ги објавува бројките на граѓани кои бараат работа. Така од почетокот на ковид пандемијата поточно од месец март, минатата година, кога работа барале 4023 граѓани од кои 2642 со живеалиште во градот и 1381 на село заклучно со првиот месец годинава во Општина Велес работа бараат вкупно 5485 граѓани од кои 3610 од градот додека 1875 потекнуваат од населените места.
Поточно во текот на деветте месеци, лани, очигледен е благ месечен пораст на невработеноста.
За 878 граѓани се зголеми бројот на невработени заклучно со месец јуни 2020 година додека во јули вкупниот број на невработени велешани изнесува 5115 граѓани. Во овие два месеци забележливо е евидентирање на нови баратели на работа од категоријата на веќе завршени средношколци кои не го продолжија своето образование.
Во месец август вкупниот број на невработени е зголеми за 57 лица, но три месеци подоцна, во октомври, има значително зголемување на бројот односно вкупно 5365 граѓани од кои 3602 живеат во Велес.
Завршно со месец јануари, годинава, бројот на невработени велешани се искачи на 5485.
Анализирајки ги овие податоци на Агенцијата за вработување зголемувањето на бројката се должи на отпуштени работници од фирми кои се соочиле со раскинување на договори за пласман на производи, дома и во странство. Дел пак не се вратиле на работа по истекување на договорите на определено време додека постојат и случаи на раскинување на договори со спогодби од различни причини. Една од нив, во услужните дејности, поточно угостителството се применило спогодбено раскинување на доворите се до завршувањето на важноста на здравствените протоколи во услови на ковид.
Стефани Манева