Здружението за церебрална парализа од Велес со барање да бидат вклучени во петтиот пакет економски мерки

Објавено на 15 март, 2021 во 12:55

160726298 178712800531163 4142182882803711831 n

15.03.2021

Доделување на ваучер за набавка на лекови, витамини, здрава храна и хигиенски материјали како и ваучер за рехабилитација, рекреација и одмор во вредност од по 6 000,00 денари од Владата и Собранието на Република Северна Македонија, денеска побара Здружението на лица со церебрална парализа од Велес. Децата и лицата со попреченост не се вклучени ни во петтиот пакет помош за надминување на кризата предизвикана од коронавирусот.

-Лицата со попреченост без присуство на корона вирусот живеат во еден поинаков свет кој секојдневно им носи карантин, потреба од витамини, специјализирана храна, потреба од рехабилитација и рекреација. Во услови кога целиот свет живее во стегите на пандемијата, децата со попреченост тоа го чуствуваат двојно. Во развиените земји од светот и општествено одговорните држави, на оваа категорија на граѓани им се овозможува посебен третман и заштита во период на пандемијата. Сметаме дека истото треба да се случи и во нашата држава, петтиот пакет да се надополни со помош и поддршка на сите деца и лица со попреченост на територија на Република Северна Македонија, рече Далиборка Златева, претседателка на здружението.

Исто така, тие денеска побараа и промени во здравствената законска регулатива и промени во социјалната и пензиската законска регулатива. Промените се однесуваат на олеснување на секојдневното живеење, со што децата и лицата со попреченост но и нивните членови од потесни семејства ќе станат социјализирани и корисни граѓани.

-Бараме промена за бесплатно здравство за сите лица со попреченост без ограничување во староста, бесплатен престој на придружникот на лице со попреченост во период на хоспитализација како и намалување на период од пет години за обнова на ново ортопедско помагало и моделирање според потребите на корисникот со што ќе се влијае на мобилноста и функционалноста. Исто така бараме и промена на границата до и над 26 години старост и рамномерна достапност на сите пропишани социјални права уште од моментот на дијагностицирање. Зголемување на износот на додатоците за нега односно мобилност и попреченост, воведување на категорија „Родител-Неговател“ за најтешките случаи на деца и лица со попреченост, изедначување на висината на социјални додатоци кај згрижувачко и биолошко семејство, предвремено пензионирање на родителите со навршени 55 години старот, трајно решение за мобилност на најтешките случаи на лица со попреченост да не биде како досега на секои шест месеци обнова на документи. Комисиите кои вршат категоризација да бидат финансирани од страна на државата а не од лицата и семејтвата на лица со попреченост, додаде Златева.

Здружението за церебрална парализа ја иницира поддршката со невладините организации како што се ЗГ „Доза среќа“ ЗГ „Соѕвездие“и ЗГ „Пркос“ од Скопје. Барањто е испратено во електронска форма до Влада на Република Северна Македонија и Премиерот Зоран Заев, Собрание на Република Северна Македонија и Претседателот Талат Џафери како и пратениците во Собранието Нанеад Коциќ, Игор Здравковски, Димитар Апасиев и Мухамет Кадриов. Од здружението се надеваат дека на следната Собраниска седница ќе се одлучи позитивно во полза на децата и лицата со попреченост.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.